Ејупи на 31 година ја завршува кариерата: Не можам повеќе да издржам…

Поранешниот македонски репрезентативец Музафер Ејупи става точка на својата кариера, на само 31 година. Напаѓачот на хрватскиот Славен Белупо преку официјалната интернет страница на клубот официјално информираше дека од здравствени причини, поради животните околности, не може повеќе да продолжи професионално со фудбалот.

„Физички и психички сум изморен. Здравствените проблеми низ кои минував и низ кои се уште минува оставија силна трага на мене. Иако, му благодарам на Бога, се е под контрола тоа не е доволно за да на тренинзите и натпреварите бидам на вистинското ниво. Шест месеци давав се за овој клуб, но едноставно не оди. Не можам повеќе. Здравјето е нешто кое мора да го цениме најмногу, па затоа мислам дека ова е момент кога мора да му кажам збогум на фудбалот“ – вели Ејупи, и дополнува:

„Здравствените проблеми ми се случија во најлош можен момент кога бев на врвот од мојата кариера и играв навистина квалитетно. Ми беше одлично во Осијек и мислам дека чекорев кон голем трансфер, но за жал дојдоа проблемите со бубрезите по што веќе ништо не беше исто. По враќањето почувствував дека не можам да работам со ист интензитет. Затоа следи крај на кариерата“.

31-годишниот Ејупи потекнува од фудбалската школа на Вардар, а во својата кариера покрај за најтрофејниот македонски клуб настапуваше и за Металург, Шкендија и Хоризонт Турново на домашната фудбалска сцена, како и за турски Карталспор, и хрватските Осијек и Славен Белупо. За младата репрезентација на Македонија одигра пет натпревари, а има и два настапи за сениорската селекција.

Се вчитува...