ЕКИПА ги претставува кошаркарските прволигаши – Пелистер

Зад Пелистер е најуспешната сезона во историјата на клубот кога станува збор за Првата кошаркарска лига. Битолчани повторно имаат состав за висок пласман, но овој пат не смеат да погрешат во битката со гигантот доколку сакаат место во историјата на првенството.

ПРЕДВИДЕН ФИНИШ ЗА СЕЗОНА 2021/22 – ТОП 4

Зад Пелистер е уште сезона во која битолчани како и многу тимови пред нив не успеаја да ја поминат последната пречка кон тронот на македонската кошарка. МЗТ Скопје повторно се покажа како несовладлив противник во најважниот дел од сезоната и до некаде очекувано Пелистер мораше да се задоволи со епитетот вицешампион во најуспешната сезона во „елитата“ на македонската кошарка.

Тоа што останува во сенка е неуспехот во Купот на Македонија каде втора година по ред „зелено-белите“ влегуваат со големи амбиции, но не успеаваат да ја поминат четвртфиналната пречка. Претходно тоа беше Академија ФМП, овој пат ТФТ, а се чини дека Пелистер двете години по ред прерано се виде себе си во финалето, а Куп натпреварувањето е неблагодарно и доколку не сте сто отстотно мотивирани веднаш следи казната.

Клубот дебитираше и на аба-лигашката сцена, но како што напомена и самиот тренер едноставно не беше подготвен за таков предизвик. Пелистер не се ни прослави во АБА2 лигата, завршувајќи го натпреварувањето без шанса за плеј-оф.

Кога е во прашање сезоната 2021/22 покрај тимот мора да се пофали и битолската публика која по долго време го поддржа клубот и беше „ветер в грб“ во големиот дел од сезоната. Убаво е да се види дека се уште еден град ја засакува кошарката и можеме само да се надеваме дека во новата сезона најверните повторно ќе застанат „рамо до рамо“ со кошаркарите бидејќи за надеж повеќе во битка за титула ите како ќе се потребни.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by ЕКИПА (@ekipa.mk)


ПРЕДВИДЕН ФИНИШ: Tоп 4

Пелистер повторно ќе претендира за највисок пласман во македонската кошарка, но дали овој пат ќе има шанса најмалку да го повтори историскиот успех останува да видиме. Многу ќе значи од тоа како ќе се поклопат новите странски играчи бидејќи нема да биде нималку лесно да се надоместат заминувањата на Никола Малешевиќ и Игор Кесар.

Србите беа главните играчи во „зелено-бело“, искусни кошаркари кои две сезони „растеа“ заедно со тимот па затоа Илиевски ќе има тешка задача да ги замени. Пелистер повторно ќе настапува и во АБА2 лигата и ќе биде интересно да видиме каков ќе биде пристапот за овие натпревари.

Промени во ростерот

Заминаа: Марјан Младеновиќ, Никола Малешевиќ, Игор Кесар, Давид Хогтон, Стојан Ѓуроски, Предраг Пајиќ, Милош Николиќ, Стефан Крстајиќ

Пристигнаа: Донован Доналдсон, Сеад Хаџифејзовиќ, Донте Карутерс, Оливер Двојаковски, Недим Мустафица, Иван Сапунџиев, Александар Јовановски, Мартин Ристевски

Останаа: Бобан Стајиќ, Љубомир Младеновски, Димитар Караџовски

Пелистер оваа сезона претрпе големи промени во тимот, а од стандарните играчи останаа Стајиќ, Младеновски и Караџовски. Покрај заминувањето на клучните кошаркари Кесар и Малешевиќ, клубот остана и без двајца клучни домашни играчи. Ѓуроски се врати во Шпанија, а Младеновиќ премина во Еуро Никел па и покрај тоа што тимот се обиде да ги замени, нивното искуство во споредба со засилувањата ќе биде голем недостаток во клучни натпревари.

Очекувањата се големи за босанските интернационалци Хаџифејзовиќ и Мустафица, но и покрај искуството на истите ќе им биде тешко да го пресликаат учинокот на Србите. Ќе биде интересно и да видиме како ќе се вклопат американските бекови. Доналдсон во првиот настап во македонското првенство блескаше во редовите на Гостивар, но не се прослави во ТФТ па клучно за одговор на ова прашање е дали ќе има слобода во Битола.

Се вчитува...