ЕКИПА ги претставува кошаркарските прволигаши – TФТ

ТФТ одново ги помести границите и ги надмина очекувањата, а сега повторно ќе има шанса да се бори за трофеј, но и да ја претставува македонската кошарка на нов фронт.

ПРЕДВИДЕН ФИНИШ ЗА СЕЗОНА 2021/22 – ТОП 4

Бајката на ТФТ продолжи и во сезоната 2021/22 во која клубот од Тафталиџе повторно ги надмина очекувањата и стигна до шампионскиот трофеј во Купот на Македонија. Освојувањето на истиот не беше случајност, напротив доброто темпирање на формата за турнирскиот систем донесе победи против тогаш најдобрите три екипи во првенството Пелистер, Академија ФМП и МЗТ Скопје за испишување на историја во мак-баскетот.

ТФТ целеше и на место во финалето на првенството, но на патот застана разиграниот МЗТ Скопје. Аеродромци ги надминаа проблемите на бековската позиција и со засилувњето за овој дел од сезоната, Бре Ајви издоминираа до самиот крај. „Црно-белите“ имаа слични очекувања за нивната аквицизија за Суперлигата и дуелите во плеј-офот, Двејн Морган, но кошаркарот кој дотогаш доминираше во боите на Феникс 2010 и беше еден од најдобрите странци во Првата лига не се поклопи во концептот.

Крилниот центар требаше од споредна улога да направи разлика, но потфрли покрај Костоски, Хортон, Бишоп… Морган не го даде вистинскиот придонес во нападот, а со него во одбраната „црно-белите“ имаа уште една празнина за што говореше и реакцијата на Костоски (види видео подоле). ТФТ загуби во полуфинелто, но на „седмо небо“ ја заврши новата успешна сезона.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by ЕКИПА (@ekipa.mk)


ПРЕДВИДЕН ФИНИШ ДОМА: Полуфинале

Во новата сезона ТФТ продолжи таму каде што застана со тоа што повторно ќе се натпреварува на два фронта. Вовед во сезоната беа квалификациите за ФИБА Лигата на Шампиони и Суперкупот на Македонија за кои тренерот Смилковски изјави дека служат за проверка на силите.

Тоа и се случи, ТФТ тестираше па „откри“ дека двајца кошаркари не се поклопуваат во тимот. Плејмејкерот Доналдсон не го даде потребниот учинок, потфрли и центарот Тавиа па овие двајца ќе бидат заменети пред предизиците во АБА2 лигата и домашниот фронт.

Како потсетување самите квалификации за ФИБА ЛШ носат место за ТФТ во Еврокупот на ФИБА, но тимот се одлучи да настапува во АБА2 првенството, јасна одлука со оглед на финансиските предизвици и разлики кои ги носат овие две превенства. ТФТ ќе биде петтиот македонски клуб кој ќе настапи во АБА2 првенството и ќе биде интересно да видиме како ќе се претстави во деби сезоната. Претходните наши тимови не се претставија во добро светло како новајлии, но голема предност клубот од Тафталиџе ќе биде помошниот тренер Никола Велев кој веќе има добро искуство за „потребите“ во првенството.

Во мак-баскетот со сигурност на клубот од Тафталиџе можеме да му препишеме место меѓу најдобрите четири тима. Со оглед на промените и непредвидените заминување можеби и „црно-белите“ нема да имаат одличен почеток на сезоната, но овој тим има потенцијал за самата завршница, а како што одминува сезоната истиот ќе излезе на виделина. Во оваа сезона детали ќе одлучуваат за место во финалето, но ТФТ е дефинитивно еден од тимовите кои претендираат за истото.

Промени во составот

Заминаа: Андреј Маслинко, Марко Аргировски, Иван Сапунџиев, Двејн Морган, Џермејн Бишоп, Ландриус Хортон, Амир Смит, Мајк Нвабузор и Донован Доналдсон

Пристигнаа: Трент Батрик, Лахланд Андерсон, Донован Доналдсон, Крис Тавиа, Дамјан Крстевски, Борјан Стојановски и Алек Петкоски

Останаа: Александар Костоски, Едис Нури, Страхил Николов, Иван Наумоски, Виктор Ташовски и Ѓорѓи Зафиров

ТФТ остана без двајца клучни кошаркари во летниот период. Станува збор за Ландриус Хортон и Амир Смит кои се наметнаа како лидери на тимот во претходните сезони. Хортон беше заменет со добро познатиот Андерсон кој поентерски го предводеше тимот во деби сезоната во Првата лига и оваа позиција е пополнета.

Но, сериозен проблем за ТФТ останува празнината на позицијата центар бидејќи Смит имаше фантастичен учинок на двете страни од теренот. Скок играта и заштитата на рекетот беа едни од главните сегменти од играта каде се истакнуваше атлетскиот Американец, а се чини дека тешко ќе биде истиот да се замени со оглед на делот од сезоната и тоа што е достапно на маркетот.

Проблем останува и плејмејкерската позиција, но ТФТ се соочуваше со овие потешкотии и во минатото. Претходната сезона беше во низа од седум порази едно по друго без втор вистински разигрувач, но кус период потоа стигна до Куп трофејот. Тука е и Александар Костоски кој со неговото искуство ите како има како да помогне додека не се најде адекватна замена за Доналдсон.

Очекувањата се големи и за Батрик кој носи и нова димензија на составот и токму тој може да биде еден од клучните играчи на тимот во приодот кој следи, а тука се и Николов, Крстевски и Стојановски кои се желни за докажување. Најголемиот проблем кој може да го има ТФТ е ширината на клупата, а товарот ќе падне главно на последните двајца кои ќе мораат да покажат константност во две натпреварувања.

Се вчитува...