ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – АЛЕКСАНДРА СТОЈАНОВСКА: Репрезентацијата секогаш е комплицирана тема, титулата годинава ми е најслатка во кариерата

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Најкорисната кошаркарка на финалето во женското првенство на Македонија, Александра Стојановска ексклузивно за ЕКИПА.МК говореше за нејзината досегашна кариера и очекувањата за иднината. Специјално за ЕКИПА.МК вели дека репрезентацијата секогаш е комплицирана тема за разговор, а дека ужива кога го пренесува своето знаење на младите кошаркарки. 

Стојановска вели дека нејзин кошаркарски идол е Леброн Џејмс, а од македонските ги почитува браќата Стојановски, како и нејзината колешка од Бадел и репрезентацијата Нена Трајчевска. 

==========================================================================================================================

НАЈСЛАТКА ТИТУЛА ВО МОЈАТА КАРИЕРА Е ПОБЕДАТА НАД БАСКЕТ КАМ! 

Ја вративте титулата во домашниот шампионат откако во финалето славевте над големиот ривал Баскет-кам. Колку значи за тебе оваа титула, но и тоа што беше избрана за најкорсна кошаркарка во финалето? 

Оваа титула е дефинитивно една од најслатките титули што сум ги освоила во мојата кариера. Не паметам кога претходно финалните натпревари биле на ова ниво, со многу жар, многу желба и неизвесност до самиот крај. Исто така мора да напоменам дека имавме тешка и напорна сезона, но сето тоа на крај се исплати. Бев избрана за МВП на финалето, а сето тоа е заслуга на сите девојки кои дадоа се од себе да стигнеме до нашата цел, а тоа е титулата.

НАСТАПОТ ВО ВАБА БЕШЕ СОЛИДЕН, НО НЕ И ОДЛИЧЕН!

Имавте одличен настап во регионалната ВАБА лига. Колку си задоволна од настапот во регионалното натпреварување во кое игравте натпревари против далеку посилни противници од домашниот шампионат?

Настапот во ВАБА лигата и целиот резултат на крај беше солиден, но не и одличен. Пред се, целта ни беше да оствариме некоја победа, па тоа и го направивме. Потоа видовме дека можеме многу повеќе од само една победа и успеавме да се пласираме во 8те најдобри по што дојде до мал пад на формата во нашата екипа од различни причини, повеќето здравствени и не успеавме да се пласираме понатаму, односно на Ф4, а верувам дека можевме. Како и да е, задоволна сум од секој постигнат резултат во оваа сезона и секоја нова историја што ја испишавме за нашиот тим.Нормално е дека од сезона во сезона целиме кон нешто повисоко и подобро, но во текот на летото ќе одлучуваме што понатаму. 

Играше и во странство. Можеш ли да направиш споредба меѓу условите таму и во нашата земја? 

Играв во Албанија, земја која не е многу по развиена од нашата, посебно во женскиот спорт. Факт е дека вложуваат се повеќе и повеќе во кошарката, но немаат некои високи цели. Условите се слични, нема многу разлика, но многу е важно како и самиот играч ќе се постави кон сето тоа.

Репрезентацијата го крена малку квалитетот и почна да игра далеку подобри натпревари против фаворитите. Колку си задоволна од работата на националниот тим и кои се целите кои си ги поставувате во следниот период? 

Репрезентација, комплицирана тема за разговор. Целите се секогаш исти, да дојдеме до победа и пласман на Европско првенство, но… добро е тоа што имаме се подобри и подобри резултати, но и покрај тоа мислам дека не ни е посветено доволно внимание и немаме доволно поддршка во текот на целата сезона како репрезентативки. Ме радува тоа што имаме млади девојки кои работат напорно и вложуваат во себе затоа што сакаат да достигнат поголем успех во својата кариера. Без разлика на се, секогаш ми е голема чест и задоволство да ги бранам боите на нашата земја Македонија, сепак тоа е најголемо достигнување за еден спортист во својата кариера.

СЕКОГАШ Е ЗАДОВОЛСТВО ДА СЕ ПРЕНЕСЕ ЗНАЕЊЕТО НА МЛАДИТЕ!

Работеше и со младите категории во Бадел. Како е во исто време да ја обавуваш и тренерската работа и дали се пронаоѓаш во неа? 

Оваа сезона малку успеав да поработам со најмалите девојчиња во нашиот тим. Секогаш е задоволство да се пренесе целото знаење на некој што сака да научи и сака да напредува, но напорно е во исто време да го обавуваш и тоа и тоа, си бара максимална посветеност доколку сакаш да има резултати.

Која беше причината Александра да ја одбере кошарката како своја професија во животот и кога се роди љубовта кон баскетот?

Љубовта кон кошарката се роди пред 18 години, гледајќи ги постарите генерации како играат баскет во маало. Немав некоја посебна причина, едноставно ми беше интересно да гледам па решив да се запишам заедно со мојот брат.

ЛЕБРОН ЏЕЈМС Е МОЈОТ КОШАРКАРСКИ ИДОЛ!

Кои од македонските кошаркари и кошаркарки се твои идоли, а кој е твојот идол од светската кошарка? 

Од македонските кошаркари би ги издвоила браќата Стојановски, бидејќи од секогаш ми биле пример за тоа како треба еден играч да се однесува на терен, а од македонските кошаркарки Нена Трајчевска, не затоа што ми е другарка и соиграч, туку поради тоа што ја познавам доволно долго за да кажам дека таа е пример за секоја млада спортистка на терен и надвор од терен (дури и кога е најтешко), секогаш борец и прав мотиватор, знае што сака во животот, си поставува цели пред себе и полека но сигурно си ги постигнува истите. Идол од светската кошарка – ЛеБрон Џејмс.

Дали Александра има свои ритуали пред натпревар и што сакаш да правиш во своето слободно време? 

Немам посебни ритуали искрено, дали пред тренинг или пред утакмица. Само одвојувам плус време за индивидуално загревање. Ретки се тие моменти да не размислувам на кошарка. Тоа се периоди во текот на летото, каде издвојувам повеќе време за моите блиски и времето го поминувам со нив. По некогаш знам и само да одмарам дома, во дружба со некоја добра книга или серија.

 

 

Се вчитува...