ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – АНДРЕЈ ШОШКИЌ: Уживам да играм за репрезентацијата на Македонија, цел ми е да направам голема кариера

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Најдобриот млад кошаркар на Македонија Андреј Шошкиќ отворено за ЕКИПА.МК говореше за неговата досегашна кариера и очекувањата за иднината. Тој за ЕКИПА.МК откри каква е ситуацијата на еден млад кошаркар во нашата земја и колку му значи тоа што на 17 години беше дел од сениорскиот тим. Тој вели дека секогаш му причинува посебно задоволство кога игра за репрезентацијата на Македонија и едвај чека да дојде летниот период кој место на одмор го поминува со репрезентативните пријатели. 

Шошкиќ вели дека секое вечно дерби против МЗТ Скопје е нешто посебно, па дури и во младинските лиги или во втората лига. Сон му е да заигра за Партизан, а гледајќи ги мечевите од Евролигата учи некои нијанси кои ја прават разликата меѓу добар и просечен кошаркар. 

==========================================================================================================================

СЕ НАДЕВАМ ДЕКА ЌЕ БИДАМ СТАНДАРДЕН ВО СЕНИОРСКАТА РЕПРЕЗЕТАЦИЈА!

Доби повик од селекторот Јончевски во сениорската репрезентација. Колку значи ова за тебе како еден млад кошаркар кој има само 17 години?

Искрено за мене беше многу добро чувството бидејќи првпат се најдов да бидам дел од подготовки на сениорската репрезентација. Имам играно во младите категории, но ова е тотално друго ниво. Многу добро искуство и тоа што можев да учам и да гледам како тренираат и како се однесуваат постарите кошарки. Едно навистина многу поголемо ниво и тренинзите и играта што мене многу ми се допаѓа. Се надевам дека и во иднина ќе бидам често со нив. 

Две години по ред си избран за најдобар млад кошаркар во Македонија. Колку значат овие две признанија за тебе и кои се твоите следни цели во кариерата? 

Многу сум горд на тоа што две години по ред бев избран за најдобар млад кошаркар на Македонија. Сепак, тоа не дојде преку ноќ. Тоа е многу години работа и моја желба. Мене наградата ми дава мотив за уште повеќе да работам и да докажам дека можам да бидам уште многу подобар и да направам големи резултати и на сениорско ниво. Прво сакам да се покажам и да направам име во македонската кошарка, па потоа ако имам шанса да заминам во странство.

„ВЕЧНОТО ДЕРБИ“ ПРОТИВ МЗТ СЕКОГАШ СЕ ПОЛНИ СО АДРЕНАЛИН! 

Веќе си стандарден првотимец во Работнички. Колку е добро тоа за твојата самодоверба и развивање и какво е чувството толку млад да игра „вечно дерби“ против МЗТ Скопје? 

Многу ми одговара тоа што играм и за првиот тим на Работнички, но играм и Втора лига и во младинските категории. Колку повеќе играш, толку повеќе добиваш на самодоверба и имаш поголемо искуство. По натпреварите гледам видеа од нив и ги забележувам грешките што ги правам за да ги поправам за следен пат. Како мал многу ми беше тешко кога ќе одиграв лош натпревар бидејќи губев самодоверба. Сега е различно сфаќам дека секој може да има лош ден и токму тоа ме мотивира да тренирам повеќе за да бидам подобар на следниот меч што ми следи. Дерби натпреварите со МЗТ Скопје се секогаш поразлични од сите останати мечеви во годината. Сто посто адреналин има и си многу мотивиран пред тие мечеви. Многу ми беше убаво чувството и многу чекам да играм уште такви натпревари. Целата македонска публика е на трибини и е неверојатно чувството. И во младинските игри кога играме против МЗТ Скопје има атмосфера пред тие мечеви. Нормално не е како во Прва лига, но секогаш кога играш против МЗТ тоа е посебен натпревар.

Имаш згуснат распоред ова лето каде ќе бидеш дел од две младински репрезентации, но дел и од сениорскиот тим. Кои се твоите очекувања? 

Најпрвин сакам цело лето да го поминам без повреди и да бидам подготвен за следната сезона. Секако цел ми е да победиме колку можеме повеќе натпревари и мислам дека со добри тренинзи и напорна работа можеме да влеземе во А-дивизија. Мислам дека имаме добар тим за да влеземе во елитата следната година. Да опстанеш во А-дивизија е многу потешко бидејќи играш со многу поквалитетни и поразвиени држави, но и во Б-дивизија има квалитетни репрезентации и не е лесно да успееш да влезеш во елитата. Мое мислење е дека не е битно дали е мојата генерација или некоја следна најважно е да бидеме дел од таа А-дивизија на младинските шампионати.

СИТЕ МОИ ДРУГАРИ ЛЕТОТО ГО КОРИСТАТ ЗА ЗАБАВА, А ЈАС УЖИВАМ ДА СУМ СО МЛАДИТЕ РЕПРЕЗЕНТАЦИИ! 

Како се справуваш со тоа што додека твоите врсници летото го поминуваат во забава ти имаш обврски? 

Сите мои другари одвај чекаат да дојде лето и да одат на журки и да одморат. Јас едноставно од мал не сум научен така. Цела година чекам да дојде лето, но не поради одморот, туку бидејќи го поминувам целото лето со репрезентацијата. Оваа година повторно ќе бидам дел од младите репрезентации и едвај чекам да дојде тој период, бидејќи тоа ми е најубав период од годината. Многу добро е за кревање на самодоверба и многу повеќе напредуваш ако играш за репрезентација во летниот период.

Кој ти е омилен тим во кој би сакал да играш еден ден и дали имаш идол? 

Омилен тим ми е Партизан и од мал ми е сон да играм бидејќи имаат најдобри навивачи во Европа. Би сакал еден ден да заиграм во тој клуб. Немам идол, туку сакам да гледам добри кошаркари кои играат во Евролига и да учам од нив. Може многу да се научи од тие играчи, особено некои мали финеси кои ја прават разликата меѓу добар и просечен кошаркар. Многу гледам Евролига бидејќи така најубаво се учи вистинската кошарка. 

ВО СЛОБОДНО ВРЕМЕ ОБОЖАВАМ ДА ИГРАМ БИЛЈАРД! 

Што прави Андреј во своето слободно време? 

Во слободното време кое многу малку го имам хоби ми е билјард. Многу сакам со другари да играм билијард и да се дружам со блиските кои не можам да ги гледам поради големиот број на тренинзи и натпревари кои ги имам. Се има случено неколку пати да ми здосади од кошарка, но тоа трае само еден ден. Успевам да се ресетирам и повторно да се вратам на тренинзи со кои би бил секој ден се подобар.

 

Се вчитува...