ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – БОЈАН МИОВСКИ: Македонија има уште многу што да му понуди на фудбалскиот свет во иднина!

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

==========================================================================================================================

За само една година успеа на вистински начин да ги добие симпатиите на македонските фудбалски фанови преку беспрекорните игри во унгарски МТК Будимпешта, издигнувајќи се до активен член на најдобрата македонска репрезентативна генерација. Од ненаметливо момче кое нечујно реализира трансфер од Ренова во МТК пред само една година, Бојан Миовски успеа најпрво да се наметне во младата селекција на Македонија а потоа и да биде постојан дел од А-тимот по доаѓањето на Благоја Милевски на селекторската функција.

Во разговор за ЕКИПА.МК, 22-годишниот Миовски нагласува дека сега ги живее посакуваните репрезентативни моменти иако знае дека неговото време во националниот тим следи. Со сета желба, Македонија преку баражите за пласман на СП 2022, во следната година да испише нова фудбалска историја.
=========================================================================================================================

Пред само околу една година почна онака ненаметливо во младата репрезентација, за преку одличните игри во Унгарија повеќе од заслужено да го добиеш повикот и во најсилната македонска селекција и тоа во најдобрата нејзина генерација во историјата…

„За мене секако е задоволство да бидам дел од овој репрезентативен состав. Сите соиграчи кои беа дел од историскиот настап на ЕВРО 2020 за мене се само мотив и инспирација повеќе да бидам со целокупната своја енергија и квалитет уште подобар. Задоволството е големо и што успеавме да дојдеме до посакуваниот бараж за пласман на Светското првенство како начин за продолжување на репрезентативните успеси“.

ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА БЕСПРЕКОРНА АТМОСФЕРА, РЕД И ДИСЦИПЛИНА, ПА И РЕЗУЛТАТИТЕ НЕИЗБЕЖНИ

Со селекторот Боби Милевски соработката започна во младата репрезентација, па уште на првиот собир со новиот македонски селектор доби повик за настап и во А-селекцијата.

„Да, јас кратко бев во младата репрезентација низ финишот на квалификациите но уште тогаш ја забележав максималната професионалност која се практикува во националниот тим. Сосема еднакво е и сега во најдобрата репрезентација затоа што за сите добро е познат професионализмот на селекторот Милевски, строг но максимално принципиелен секогаш кога се работи за професионалните обврски и пријател надвор од теренот. Затоа и во репрезентацијата владее беспрекорна атмосфера, ред и дисциплина, па резултатите се неизбежни“.

Националниот тим на извонреден начин, со две големи победи во последните натпревари од квалификациите, успеа да дојде до второто место во квалификациската група што е најдобар резултат во историјата на репрезентативниот фудбал.

„Гостинската победа над Ерменија е навистина нешто незаборавно. Тоа ми се чини е најголемата гостинска победа во последните 20 години со доминантна игра среде Ереван, со што се потврди квалитетот на оваа генерација фудбалери. На последниот натпревар против Исланд одигравме на уште едно високо ниво, па не се потклекна и на тој прикриен притисок за успех“.

ОД МЕЧОТ СО ИТАЛИЈА НЕМА САМО ШТО НЕМА ШТО ДА ЗАГУБИМЕ, НО СЕКАКО МОЖЕМЕ МНОГУ ДА ДОБИЕМЕ

Македонија во полуфиналето од бараж-пресметката на 24. март ја очекува дуелот со европскиот шампион Италија во Палермо. Ждрепката не ни беше наклонета?

„Добро, секако можевме да добиеме и полесни противници. Но, да бидам искрен, кога ќе дојдете до степен да бидете во баражот за пласман на Мундијал заедно со најдобрите европски селекции тогаш навистина пред ждрепката беше, повеќе или помалку, сеедно кој ќе ни биде противник затоа што сите тие се повеќе од квалитетни репрезентации. Но, сега веќе јасно е дека не е сеедно и како ќе се претставиме повторно пред Европа и светот затоа што знаеме дека оваа Македонија може да се надигрува со секој противник. Притисокот е на страната на Италија, а ние знаеме дека не само што нема што многу да загубиме од тој дуел во Палермо, но можеме многу да добиеме. Верувајќи во себе можеме уште до многу репрезентативни успеси во иднина.“

Во Лигата на нации, пак, интересна група со Бугарија, Грузија и Гибралтар, која отвора можност и надежи за пласман на ЕП 2024?

„Јасно е дека, како низ сите досегашни натпревари, секако желбата во Лигата на нации ќе биде првото место во групата. Факт е дека се работи за сериозна група со квалитетни противници, но ние мора да бидеме концентрирани единствено на нас и нашата игра. Само од нас самите ќе зависат многу нешта околу исходот во Лигата на нации“.

Со седум погодоци во досегашниот тек од шампионатот, Миовски веќе е дел од најдобрите седум напаѓачи во Унгарија. Сето тоа носи огромен интерес и од голем број клубови и од најсилните европски лиги…

„Да, МТК ми овозможи навистина одлични услови за развој, и е клубот кој ми помогна да ги реализирам сите мои соништа на патот и до репрезентацијата. Нормално, како и секој друг фудбалер желбите се за дополнителен фудбалски раст во една од најсилните лиги во Европа, но воопшто не се оптоварувам со тоа. Мојата интенција и единствена мисла е да бидам секогаш најдобар што можам на теренот во дресот на МТК, а преку тоа знам дека неизбежно ќе следи реализацијата на моите цели и амбиции“.

Се вчитува...