ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – Бојан Миовски, отворено за се што му се случува пролетва во МТК: „Разочаран сум од лошите експерименти на тренерот со мене“

Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски минува тежок период во редовите на МТК Будимпешта откако сосема неоправдано низ пролетниот дел од шампионатот е изолиран од новиот стратег на унгарскиот клуб, со зачудувачки мала минутажа и покрај тоа што е најдобриот фудбалер во тимот.

Миовски мина извонредна есен во клубот, на крајот од годината од страна на Унгарската фудбалска федерација прогласен и за најефикасен стрелец во Унгарија во однос на укажаните шанси. Но сето тоа сега како да се заборава од новиот тренер Габор Мартон.

Интересно, во есенскиот дел од сезоната Миовски заедно со Романецот Грозав постигнаа 11 голови заедно, или 80% од клупските, а во пролетниот дел откако и двајцата се оддалечени од тимот МТК оваа пролет постигнал вкупно шест гола, од кои еден на Грозав. Што тоа се случува сега со Бојан Миовски и со МТК

„Пред се да кажам дека ми беше големо задоволство што станав член на овој прочуен унгарски клуб. Речиси две години сум тука во период во кој сум и најдобар стрелец на клубот. Со голема работа и самопрегор успеав да го подобрам нивото на својата игра што не остана незапазено посебно и од нашиот селектор Милевски. Немаше посреќен човек од мене кога ги добив повиците прво за младата селекција, а потоа и за А-репрезентацијата. Во есенскиот дел од сезоната ние во МТК имавме прилично проблеми во играта, посебно во офанзивниот дел, па така и малку постигнати голови. А, јас постигнав седум во шампионатот и плус два погодоци во Купот на Унгарија, односно повеќе од 50% од постигнатите на клубот. Во меѓувреме се случија и успесите на А репрезентацијата,каде дебитирав“ – вели Миовски, веднаш и дополнувајќи:

„Со неверојатен ентузијазам и желба ги почнав подготовките со МТК очекувајќи дека со засилувањата кои дојдоа сигурно ќе опстанеме во лигата. Логично беше да ја подобриме играта, посебно во офанзива, да создаваме далеку повеќе шанси и со соиграчите да постигнуваме и повеќе погодоци. Во тој момент претстојните натпревари на А-репрезентацијата во баражот беа неверојатен мотив на подготовките да работам со 200%. Сиот тој силен ангажман резултираше и на подготовките да бидам најдобар стрелец на тимот“.

Но, кога дојде време за првенството, нештата како комплетно да се променија!?

„На ден пред почетокот на првенството, без било какво претходно предупредување, тренерот ме повика за да ми каже дека нема да играм центарфор, туку дека треба да играм по линија. Тоа за мене беше експеримент, чудна и лоша одлука која ми ја уништи самодовербата, па дури и после два натпревари бев ставен на клупата за резерви, што дополнително внесе разочарување. Никој досега, во 12 години колку играм, немал таква идеја дека јас треба да бидам крилен играч. Не треба многу да познаваш фудбал, за да знаеш дека психолошки дестабилизиран играч не може да постигне концентрација така неопходна за ефикасна игра“.

За голем дел од фудбалската јавност и во Унгарија, навистина е во најмала рака чудно да најдобриот стрелец на МТК, прогласен за најефикасен во шампионатот, го има статусов кој сега го имаш!? А притоа клуб како МТК да биде на дното на лигата!?

„Искрено, јас со најголем труд, без разлика на се, ги извршувам сите поставени задачи и обврски. Немам воопшто проблеми со комуникацијата, ниту со односите во клубот. Што се однесува до позицијата, веќе е потврдено дека најдобро се снаоѓам на позиција на истурен напаѓач. Добро ми одговара и игра со двајца централни напаѓачи, игра на ‘лажна деветка’, па и игра непосредно поради шпицот. Зошто тренерот ме поставува на за мене несоодветна позиција е прашање за него. Лично мислам дека, што се однесува до мене ова е само привремена состојба, но која за жал има големи последици за мојот МТК. Јас се уште се надевам дека МТК, мене навистина драг клуб со одлични играчи, навивачи и раководство ќе опстане во лигата. Па во клубот, освен мене, доведени се уште четворица играчи кои се А-репрезентативци и имаме уште најмалку тројца играчи кои се членови на млади репрезентации (У-21). Но, од разноразни причини во клубот постојано се прави притисок дека селекцијата на играчи не е добра, па дури и прекрасните навивачи кои ги има, некој ги убедил во тоа. Со играчите сум секој ден, многу ми се драги и доволно квалитетни за да МТК со леснотија успешно игра во најдобрата унгарска лига. Но, зошто тимот не игра добро и не постигнува резултати е прашање за други, не за мене“.

МИЛЕВСКИ Е ЗАСЛУЖЕН ЗА ТОА ШТО СУМ УШТЕ „ФУДБАЛСКИ ЖИВ“

Сепак, и покрај очигледната „замрзнатост“ во МТК, Бојан Миовски добива огромна доверба од македонскиот селектор Благоја Милевски одигрувајќи повеќе од квалитетни минути во бараж-пресметките против Италија и Португалија.

„Објективно, заслуга за тоа што се уште сум ‘фудбалски жив’ има селекторот на нашата репрезентација Милевски, кој и покрај наведената ситуација имаше доверба, ми укажа шанси да играм и тоа нема да го заборавам додека сум жив. Дадената доверба во најскоро време ќе ја оправдам со уште подобри игри и голови за радост на сите на кои националниот им е најмилиот дрес“.

Какви се плановите за иднина?

„Па пред се, во моментов сум сконцентриран максимално да се вложам за да се обидеме да го спасиме МТК од испаѓање, секако доколку ми се даде шанса. Второ. Ќе се потрудам натпреварите на А-репрезентацијата во јуни во Лигата на нациите да ги дочекам максимално подготвен. Се останато ми е навистина споредно во овој момент“.

За време на изминатиот зимски преоден рок, добро е познато дека на адреса на МТК имаше неколку понуди за тебе и тоа со прилично солидно обештетување да заминеш од клубот. Сега, сето тоа, по овој изминат период и „политиката на клубот“, повеќе како да не е актуелно!?

„Во прашањето го има и заклучокот. Зошто е тоа така треба да прашате во клубот. Јас само знам дека овој клуб го сакам и почитувам, со радост играм за него, ги почитувам обврските и ги сакам соиграчите и навивачите. Ќе дадам се од себе, МТК да остане во најсилната лигашка конкуренција. За сопствената кариера воопшто не сум загрижен. Имам со мене луѓе во кои верувам и знам дека заеднички ќе го одбереме вистинскиот пат. А тоа што го сакам, знам и можам никoj не може да ми го одземе…“ – вели Бојан Миовски.

Се вчитува...