Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.
==========================================================================================================================
Човекот кој за секој пораз на Македонија беше прв на пик кај јавноста, Филип Талески искрено за ЕКИПА.МК открива како се чувстувал во тој период од животот. Тој вели дека сфаќа дека е јавна личност, но некои работи навистина се мизерни. Талески говореше и за победата на Вардар во големото дерби против Пелистер, велејќи дека не чувствувале притисок пред натпреварот, бидејќи тој бил на страна на противникот.
Талески говореше и за соработката со Давид Дејвис кој успеа да ја врати неговата самодоверба и повторно да стане миленик на македонската јавност, по тешкиот период кој го имаше во кариерата. Вели дека од секој тренер со кого соработувал научил многу, но од некои ракометни работи, од други и животни лекции.
Тоа што замина многу млад во Германија, Талески смета дека не е грешка бидејќи многу созреал како човек и научил многу лекции кои многу му помогнале не само во ракометот, туку и во животот.
==========================================================================================================================
СЕКОЈ ТРЕБА ДА ГО ЖИВЕЕ СВОЈОТ ЖИВОТ, А НЕ ДА СЕ МЕША ВО ТУЃИОТ!
За секој пораз на Македонија Талески и Кузмановски беа најголеми виновници. Дали те погодуваат навредите кои ги добивате од луѓето?
Луѓето што пишуваат на социјални мрежи не ме боли многу, но да добиваш заканувачки пораки директно во инбокс е мизерно. По Египет избришав социјални мрежи и гледам да не се заморувам со тие работи. Сметам дека сите имаме свој живот и треба да го живееме за нас, а не да им се мешаме на другите луѓе. Разбирам дека сме јавни личности и го преставуваме клубот и државата, но јас не сум видел лош коментар од Германец за Германец или од Норвежанец за Норвежанец. Знам како сум се чувствувал во тоа време и мојата фамилија со какви тешкотии се соочуваше, но мора да се помине веројатно и тоа во животот. Мојата сопруга е од Битола и тренираше и она ракомет. За неа беше шок постојано да биде на удар. Во Битола сега ја пцуеаја со име и презиме, што е некултурно, но тоа го покажува воспитувањето на некои луѓе. Јас разбирам и ривалство и се, но мора човек да знае до каде да оди со некои работи. Тешко ми беше, но сам се изборив со се. Не сум добил поддршка освен од соиграчите, заедно успеавме да се избориме и сега се надевам доаѓаат подобри времиња.
Како се избори со притисокот по тој шампионат?
На првенството Египет не прегази, после помалку од една година играме повторно против нив загубивме тесно. Ние само си знаеме како се поминува низ такви моменти. На тоа првенство се уште имав социјални мрежи, па знам како заминав на тој шампионат, а каков бев кога се вратив. Ми требаше многу време да се стабилизирам, но помина и тоа. Се изолирав тој период, влегов во фитнес центар и не излегов од неа. Тренирав секој ден и ми даде дополнителен мотив да напредувам и да покажам дека не ги заслужив сите напади кои ги добив тој период. Од тогаш полека, но сигурно се оди во многу подобар правец.
СО ПОБЕДАТА НАД ЧЕШКА ГИ ЗАТВОРИВМЕ УСТИТЕ НА СКЕПТИЦИТЕ!
По ЕП сите ве отпишаа пред баражите за пласман на мундијалот. Дали со победата над Чешка им докажавте на „душебрижниците“ дека имате квалитет да ја водите репрезентацијата до нови успеси?
Послатко ни е на сите нас кога ќе не отпишат пред време. Имаше многу скептици по Европското првенство и ретко кој очекуваше од нас да одиме на Светско првенство. Знам дека цела репрезентација верувавме во пласман на првенството. Излеговме посилни од сите. Публиката кога виде како одигравме со Романија дома веднаш се промени малку ставот и кај обичниот народ, но и во ракометниот свет. Одигравме одличен натпревар со Чешка во гости, водевме седум разлика во еден момент, а на крајот прокоцкавме се. Во Скопје исто така водевме во текот на целиот меч. Завршивме добра работа и се надевам дека ќе оди само на добро понатаму.
Кире Лазаров има нова улога сега покрај тоа што ви е соиграч е и селектор. Како тече соработката со него?
Малку е комплицирано се бидејќи се уште е играч, селектор. Треба да не подготвува, но треба и да тренира. Треба да се воигруваме и со него, но и без него. Сака да наметне систем кој наликува на шпанскиот, но нормално сака да наметне свој систем како и секој тренер. Искрено да ви кажам моментално функционира се супер. Не знаеме каков ќе биде статусот со него, дали ќе игра уште една година или не, но тоа не е ни важно. На него му е најтешко, треба и да игра, а од друга страна треба да биде и тренер. Комплицирано е тоа за него, бидејќи размислува на две страни. Мислам дека ако се пензионира и кога ќе биде само селектор и ќе биде фокусиран само на тренерската работа ќе биде уште подобро.
НЕ НАПРАВИВ ГРЕШКА ШТО МНОГУ МЛАД ЗАМИНАВ ВО ГЕРМАНИЈА!
Дали сметаш дека направи грешка толку млад што замина во Германија?
Од оваа гледна точка мислам не, бидејќи осетив тешко на своја кожа што по четири/пет години имам собрано големо искуство од сите проблеми кои ги имав. Според мене не е грешка, секогаш грешката боли, но имаш време да ја исправиш, а јас почнав да го правам тоа. Бев во Левен две години и една во Балинген. Во Балинген и тренерот ме побара и ми вети дека ќе играм повеќе, но во Германија за разлика од кај нас повеќе си ги ценат своите ракометари. Си ги штитат нивните играчи. Јас кога добивав шанса пробував да ја искористам и го правев тоа најдобро што знам и добивав пофалба од сите. Но, се разбира како што кажав за разлика од кај нас кај нив се цената домашните играчи.
ВАРДАР ПО КОЈ ЗНАЕ КОЈ ПАТ ПОКАЖА КАРАКТЕР!
Иако беше се подготвено за титула во Битола, успеавте да славите во вечното дерби против Еурофарм Пелистер и да се добижите чекор поблиску до нов трофеј. Како Вардар стигна до оваа голема победа и дали чувствувавте притисок пред мечот?
Вардар покажа карактер во дербито во Битола. Требаше можеби уште на домашен терен да ја завршиме работата, меѓутоа направивме грешка и знаевме таму што не чека, публика, притисок. Меѓутоа Вардар како и во претходните години што покажувал карактер, така и сега покажавме карактер. Одигравме еден многу добар натпревар и го оправдавме тоа што сите велат дека сме шампиони. Искрено не чувствувавме притисок пред мечот. Верувавме во победа и знаевме дека кај нив е притисокот, бидејќи беа подготвени за освојување на титула и големо славје. Нивните играчи беа во карантин во Струга бидејќи имаа голем притисок, а нас тоа ни даде на знаење дека тие се исплашени. Тоа се виде и на мечот каде што цело време го контролиравме резултатот, а тие само во финишот поведоа, но потоа се вративме и на крај како да немаа енергија за нешто повеќе. Ние се подготвувавме цела недела за тој меч, знаевме што не чека и што е најважно излеговме како екипа. Не беше важно која ќе игра колку ќе игра и тоа беше клучот за нашата победа.
ДЕЈВИС УСПЕА ДА МИ ЈА ВРАТИ САМОДОВЕРБАТА!
По доаѓањето на Давид Дејвис очигледно е дека успеа да ја врати твојата самодоверба. Како е да се работи со шпанскиот стратег?
Се слушнав со Стефче ми кажа дојди во Вардар ќе ти дадам што сакаш, но тоа не се оствари. Тој мисли дека ми даде шанса, меѓутоа тој што мисли дека еден натпревар е давање шанса… Било кој играч не може од еден натпревар да ја врати самодевербата. Потоа кога дојде Вујо беше подобро, но сметам дека не беше се подредено како што треба. Со доаѓањето на Дејвис се променија многу работите. Системот тотално се смени во одбрана и во напад. Буквално секој играч знае која е негова задача. Разговарав со него искрено и ме праша тој што ми треба. Јас отворено му кажав дека сакам слобода да ми биде дадена неколку натпревари да се покажам. Тоа што го побарав го добив од него и се гледа тој резултат. Можам да кажам дека по два/три натпревари Дејвис успеа да ми ја врати самодовербата. Натпреварот со Загреб на домашен терен беше пресвртницата. Виде тој дека може да го добие тоа што го бара од мене и се тргна во една одлична насока.
Кои се плановите на Талески за следната сезона. Остануваш во Вардар или?
Имам договор оваа година, а следната стои како една плус една, треба да разговарам со сопственикот и да се договориме. Се уште не знам што да биде и се надевам на најдоброто. Сакам да останам во Вардар бидејќи тука ми е навистина убаво. Има понуди и од странство, но треба да разговарам со сопственикот да видам што ќе ми биде понудено, но се надевам дека се ќе помине во најдобар ред.
Работеше со голем број значајни тренери во светот на ракометот. Од кого научи најмногу?
Секој тренер со кој сум работел е за себе. Со Лино научив како да се бориш. Како деца ни даде менталитет како да не се предадеш во тешки моменти. Во Германија со Јакобсен научив да играм одбрана. Тука со Кире, Раул, Дејвис научив многу подобро игра во напад и на тој тактички аспект. Од сите научив доста работи. Сакам да учам многу и се надевам дека ќе имам можност да учам уште многу од Дејвис бидејќи се покажува дека вродува со плод работата со него и со резултат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА