ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – МАРТИН СЕРАФИМОВ: Алкалоид е амбициозен проект, од Лазаров и Савевски има многу што да се научи

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

==========================================================================================================================

Еден од најдобрите млади ракометари, Мартин Серафимов говореше за новиот проект од кој е дел РК Алкалоид, како и соработката со еден од најдобрите македонски тренери Љубомир Савевски. 

Тој за ЕКИПА.МК искрено говореше за изминатото Европско првенство во Унгарија, но и за неговиот прв настап на големите шампионати, Светското првенство во Германија и Данска во 2019 година и првиот гол во националниот дрес на мечот против Бахраин. 

Серафимов кој потекнува од младинската школа на Металург, говореше и за љубовта од неговото детство и вели дека навистина е трагично тоа што се случува во моментов со него и дека ќе ги надминат проблемите, бидејќи тимот од Автокоманда му е потребен на македонскиот ракомет.

==========================================================================================================================

РК АЛКАЛОИД Е АМБИЦИОЗЕН ПРОЕКТ КОЈ ПОМАГА ВО РАЗВОЈ НА МЛАДИ РАКОМЕТАРИ!

Годинава си дел од еден нов ракометен проект Алкалоид. Како си задоволен од првиот дел од сезоната и кои се целите кои што ги имате до крајот на сезоната? 

РК Алкалоид како нов клуб презентираше амбициозен проект за подршка и развој на млади македонски ракометари со цел да игра важна улога во македонскиот ракомет подржани од респектабилен стручен штаб. Почнавме од најнизок ранг со цел веќе следната година да бидеме во супер лига. Од првиот дел од сезоната сметам дека е успешен и се надевам дека за пролетниот дел ќе бидеме по воиграни и поподготвени за реализација на поставените цели, влез во супер лига како и што подобар резултат во купот.

Соработуваш во Алкалоид со Љубомир Савевски еден од најситакнатите македонски тренри. Како е да се соработува со популарниот Цевак и колку научи од него досега?

Љубомир Савевски е еден од најдобрите македонски тренери и сметам дека имаме одлична соработка. Многу е посветен на работата голем работник и мислам дека покрај него ја унапредувам мојата игра. Се надевам дека ќе успееме заедно да ги реализораме поставените цели.

МОЖЕВМЕ ДА ПОСТИГНЕМЕ ПОДОБАР РЕЗУЛТАТ НА ЕП 2022

Беше дел од репрезентацијата на Европското првенство во кое настапот го завршивме во групната фаза. Како си задоволен лично од настапот на шампионатот и дали сметаш дека можевме повеќе?

На Европското првенство секако дека можевме да постигнеме подобар резултат. Ги изгубивме сите три натпревари иако мислам дека не бевме надиграни на ниту еден од нив. На крајот неколку нијанси одлучуваа да добиеме еден или два натпревари. Но факт е дека треба да се работи уште понапорно ако сакаме да постигнеме повеќе на големите собири и да го продолжиме континуитетот кој го имаме во последните петнаесетина години.

Во репрезентацијата соработуваш со најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров кој игра на иста позиција како тебе. Како е да се соработува со Кире и колку досега научи од соработката со еден од најдобрите десни бекови во историјата?

Со Кире Лазаров во репрезентацијате сме веќе три години и од него секогаш има што да се научи. Сега во улога на селектор уште повеќе е посветен на секој тренинг да го пренесе своето знаење и искуство за реализација на поставените цели.

ПРВИОТ ГОЛ ВО НАЦИОНАЛНИОТ ДРЕС ЌЕ ГО ПАМЕТАМ ЦЕЛИОТ ЖИВОТ!

Своето деби за Македонија на големите натпреварувања го имаше во 2019 година на Светското првенство во Данска и Германија. Како се чувствуваше кога го постигна првиот гол во националниот дрес на големите натпреварувања на мечот против Бахраин?

Првенството во Данска и Германија во 2019 беше првото на кое дебитирав за ракометната репрезентација на Македонија. Навистина посебно чувство е кога играш за репрезентацијата и тој шампионат ќе го помнам целиот мој живот. Против репрезентацијата на Бахраин го дадов првиот гол за сениорската репрезентација и само можам да кажам дека тоа е посебно чувство на радост и гордост кога се игра за Македонија. Тој меч исто како и првенството ќе го паметам цел живот. 

МЕТАЛУРГ МУ Е ПОТРЕБЕН НА МАКЕДОНСКИОТ РАКОМЕТ!

Беше дел од Металург. Како ќе ги опишеш годините поминати во клубот кој создаде голем број репрезентативци и дали ти е тешко сега кога гледаш како пропаѓа клубот од Автокоманда?

Металург е клубот каде јас израснав како играч и каде што поминав прекрасни години. Тој беше синоним и расадник каде поминаа најголемиот дел од македонските репрезентативци, шампион на Македонија и учесник во лигата на шампиони и ехф купот. Моментално се соочени со финансиски проблеми и им посакувам што поскоро да ги надминат затоа што Металург е потребен на македонскиот ракомет.

Во кој европски гигант ти е сон еден ден да заиграш и кој е твојот ракометен идол и човек на кого се угледуваше додека беше помлад?

Барселона е најдобриот ракометен клуб во светот. Најтрофеен е во Лигата на шампионите и секогаш ги привлекува најдобрите ракометари во светот. Дефинитивно од мал ми е сон еден ден да го носам дресот на каталонскиот клуб. Дефинитивно мој идол е најдобриот десен бек во историјата, мојот селектор Кирил Лазаров. Од мал се угледував на него и сон ми е да направам кариера како неговата. Неверојатен ракометар и уште поневеројатен човек, од кого многу може секој да научи. Привилегија е сега што соработувам со него во репрезентацијата и можам многу да научам. 

Што сака Мартин Серафимов да прави во своето слободно време? 

Во моментов немам премногу слободно време, бидејќи покрај тренинзите и ракометот во моментов и студирам. Сепак, малку слободното време кое го имам гледам да го поминам во прошетки со најблиските и во дружење со другарите. 

Се вчитува...