ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ТИХОМИР КОСТАДИНОВ: Заедништвото е тоа што не краси… Не се делиме по возраст, религија…

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

==========================================================================================================================

Фудбалскиот репрезентативец на Македонија, Тихомир Костадинов отворено за ЕКИПА.МК говореше за противникот во баражот Италија, но и за тоа како се чувствувал на мечот против Исланд со кој А-тимот испиша историја. 

Тој вели дека оваа генерација македонски фудбалери има голем индивидуален квалитет, но дека тајната е во заедништвото. Дополнувајќи дека меѓусебно си помагаат не само на теренот туку и надвор од него, без разлика на возраста или вероисповеста 

Костадинов се потсети и на неговото деби во националниот дрес на гостувањето кај Австрија на „Ернест Хапел“, велејќи дека имал многу трема пред почетокот на мечот, но дека по првиот судиски свиреж веднаш се опуштил и одиграл солиден натпревар. 

==========================================================================================================================

Беше стандарден првотимец во квалификациите за Светското првенство во кое испишавте историја и се пласиравте во баражот. Колку значат овие одлични партии за тебе и какво беше чувството по мечот со Исланд во кој го изборивте баражот? 

Играњето за репрезентацијата за мене е огромна чест и задоволство, радоста е голема со оглед на тоа што ја остваривме зацртаната цел. Мечот со Исланд беше специјален натпревар, психички тежок меч кој со помош на фантастичната атмосфера на нашите навивачи посебно и во моментите кога примивме гол, не изостана поддршката и стигнавме до посакуваната победа.

ПОКАЖАВМЕ ДЕКА МОЖЕМЕ ДА ИГРАМЕ И СО РЕПРЕЗЕНТАЦИИ ОД КАЛИБАРОТ НА ИТАЛИЈА И ПОРТУГАЛИЈА

Немавме баш среќа во ждрепката за баражот, бидејќи ако сакаме да одиме во Катар ќе мора да ги поминеме Италија и Португалија. Поради жолти картони нема да можеш да помогнеш за дуелот против Италија, но кои се твоите очекувања? Има ли Македонија шанси да го изненади европскиот шампион?

Секако дека можевме да бидеме извлечени во подобра група, но сепак таков е ждребот и ке дадеме се од себе да стигнеме до Катар. Оваа репрезентација никогаш не се откажува и покажала дека може да совлада репрезентации од калибарот на Италија и Португалија. Многу ми е жал што нема да можам да помогнам на првиот натпревар, но верувам во моите соиграчи и сум оптимист дека ке стигнеме до целта.

НАСТАПОТ НА ЕП БЕШЕ ИСПОЛНУВАЊЕ НА СОНОТ ОД ДЕТСТВОТО!

Беше дел и од Европското првенство на кое Македонија за првпат настапи. Колку значеше за тебе и твојата кариера настапот на смотрата на најдобрите европски репрезентации?

Играњето на Европското првенство за мене беше исполнување на детскиот сон. Секој фудбалер посакува да игра на едно големо натпреварување како што е европското и се надевам дека ова не ми беше последно. Да се игра на вакво натпреварување посебно со мала земја како Македонија е неверојатно и прекрасно чувство.

Дебито во националниот дрес го имаше во мечот против Австрија во квалификациите за ЕВРО 2020. Што ти се моташе во глава пред почетокот на тој меч? 

Убаво се сеќавам на тој ден и ќе го паметам цел живот. На преполниот „Ернест Хапел“ имав позитивна трема уште на загревањето, но од кога почна натпреварот се опуштив и одиграв солиден меч. Штета што го загубивме тој натпревар но сепак имам убави спомени.

Која е тајната на оваа македонска генерација фудбалери и како беше пречекан од клупските колеги по враќањето во Словачка? 

Оваа генерација на фудбалери пред се има огромен фудбалски квалитет со фантастични индивидуалци. Но сепак да се биде успешен во овој спорт, потребен е тим, почнувајки од селекторот па се до физиотерапевтите, економите. Заедништвото ја краси оваа генерација, на теренот но и надвор од него си помагаме и почитуваме, без разлика на возраста и вероисповеста. Колегите од клубот не ми приредија некое посебно пречекување,но искрено ми честитаа и ми посакаа успешен бараж и дека ке има за кого да навиваат.

ВО СЛОВАЧКА ПОСТОЈАНО СЕ ЖАЛАТ НА ЛОШИ УСЛОВИ, А СВЕТЛОСНИ ГОДИНИ СЕ ПРЕД НАС 

Најголемиот дел од кариерата го помина во Словачка. Каков е животот во оваа земја, можеш ли да направиш некоја споредба со Македонија и кои се амбициите на Ружемберок клуб во кој си член?

Токму така, веќе 6 години сум овде и се навикнав на животот и лигата тука. Во споредба со нас, на спортски план се многу понапред од нас, тука мислам на инфраструктура, терени, стадиони, иако они постојано се жалат дека немаат квалитетни услови тогаш што да кажам јас за нашите услови во Македонија. Спортска нација се, спортува скоро секој и стар и млад, без разлика дали тоа е фудбал, хокеј, скијање, планинарење и сл. Моментално сме на 3. позиција и можам да кажам дека мораме да бидеме задоволни од позицијата, со оглед на ростерот што го имаме годинава. Целта е да се избори Европа.

ЛИОНЕЛ МЕСИ Е МОЈОТ ИДОЛ, ТОЈ Е НАЈДОБРИОТ ФУДБАЛЕР ВО ИСТОРИЈАТА 

Како Тихомир Костадинов почна да се занимава со фудбал и кој е неговиот идол?

Уште од кога паметам за себе сум со топка. Дали играјќи во дворот со дедо ми и татко ми,или пак во детската соба во која бирото за учење ми служеше како гол,уште од мали нозе се заљубив во фудбалот и сакав да станам фудбалер. Иако сум фан на Челси уште од времето на Лампард, Дрогба, Тери мојот идол е Лионел Меси и за мене тој е најдобриот фудбалер во историјата на спортот.

За крај што сакаш да правиш кога не размислуваш на фудбалот и како го поминуваш слободното време? 

Во слободно време најчесто играм плејстејшн.Исто така гледам филмови и серии, но понекогаш знам и да прочитам некоја криминалистичка книга. Обожавам да играм квизови, карти и табла и можам да кажам дека сум лош губитник.

Се вчитува...