Екипа Топ 5: Идеална петорка на 22. коло од Првата лига (ФОТО)

Во насока на засилена промоција на кошаркарската игра на домашната сцена, ЕКИПА со избор на најдобрите од секоја рунда натпревари од Првата македонска кошаркарска лига. Јасно е дека пандемијата на коронавирусот сериозно ќе влијае на навремено одигрување, без никакво одложување, на сите натпревари од актуелно коло, поради што во изборот влегуваат натпреварите кои единствено се одиграле согласно протоколите за заштита од Ковид-19.

Во последното, 22. коло од регуларниот дел од првенството беа одиграни четири натпревари по кои на победи се радуваа МЗТ Скопје 2 кој направи сензација на домашен терен совладувајќи го Гостивар, Еуро Никел кој славеше на гостувањето во главниот град против ТФТ, Работнички кој го доби неизвесниот натпревар против Академија ФМП, и Кожув кој забележа лесна победа против „фенерџијата“ Црн Дрим.

Во иделаната петорка на колото место има за плејмејкерот на „штркчињата“, Дарио Митевски кој во победата на својот тим одигра „ол-ароунд“ натпревар, забележувајќи 10 поени, 5 асистенции и 4 скока, како и за центарот на младиот состав од Аеродром, Роберт Монтгомери кој забележа нов дабл-дабл учинок од 23 поени и 15 скока.

Дарко Соколов повторно блесна во „синиот“ дрес, предводејќи го својот состав со дабл-дабл од 14 поени и 14 скока. Марко Симоновски потсети на своите најдобри партии постигнувајќи 24 поени, 5 асистенции и 4 скока против Црн Дрим, додека центарот на Работнички, Филип Бундовиќ беше еден од најзаслужните за новата победа на „црвено-белите“ со 19 поени и 15 скока.

Се вчитува...