ЕКИПА Топ 5 трансфери во мак-баскетот (ФОТО)

Се е подготвено за почетокот на јубилејната 30. сезона во македонската кошарка, а во пресрет на утрешното отварање на новата сезона ЕКИПА направи избор на најдобрите пет домашни трансфери во претсезоната.

Во нив се најдоа Александар Костоски кој заврши во редовите на ТФТ, Предраг Самарџиски кој се врати во мак-баскетот и ќе игра за Еуро Никел, Љубомир Младеновски и Стојан Ѓуроски кои го засилија Пелистер за деби настапот во АБА2, а Кожув со Кирил Николовски доби нов екс репрезентативец во своите редови.

Еден од најбурните трансфери оваа сезона беше преминот на Александар Костоски во редовите на ТФТ од Гостивар. Ваквиот трансфер немаше да биде изненадување доколку се случеше порано во летото, но поранешниот репрезентативец ги промени клупските бои пред самиот почеток на подготовките.

Гостивар со тоа го загуби концептот на тимот, а ТФТ во Костоски доби екстра засилување за остварување на амбициите. Плејмејкерот е добро познат за неговите можности и „ол-ароунд“ игра со која на „црно-белите“ им носи и нова димензија во играта. Дека можеби ќе биде и засилување на сезоната искусниот играч докажа и на квалификацискиот натпревар за ФИБА Еврокупот во Русија кога го предводеше скопскиот тим со 20 поени, 9 асистенции и 7 скока.

Претсезоната 2021/22 ќе биде одбележана и со враќањето на Предраг Самарџиски во македонската лигашка кошарка по краткиот престој во 2019 година. Поранешниот репрезентативен центар со себе во Кавадарци носи големо искуство и ќе биде главен адут на тимот на Горан Самарџиев во походот кон титула.

Воедно 215 сантиметри високиот Самарџиски е вистинска замена за хрватскиот интернационалец Роберт Рикиќ кој беше еден од клучните играчи на минатогодишниот вицешампион.

Еден од најдобрите македонски центари, Љубомир Младеновски за прв пат во својата кариера ќе го облече дресот на Пелистер. 26-годишникот кој веќе има големо искуство во регионалното првенство со МЗТ Скопје и Работнички ќе биде огромно засилување за „зелено-белите“ за настапите на АБА2 лигата, но и домашната сцена.

Со овој трансфер тренерот Илиевкси добива и „ослободување“ на Кесар од центарската позиција со уште еден висок играч во својата ротација, а најважно од се е тоа што е домашен кошаркар.

Уште еден центар ова лето замина од редовите на Работнички, а тоа е Кирил Николовски кој премина во Кожув. Искусниот играч кој во минатото настапуваше и за МЗТ Скопје, Вардар Осигурување, Фени Индустри и Карпош Соколи со себе носи и големо искуство и се очекува да биде главен адут на тренерот Павле Николов во обидот за враќање на гевгелискиот тим при врвот на македонската кошарка.

Уште еден повратник од интернационалата сцена во мак-баскетот е Стојан Ѓуроски, репрезентативното крило кое по три сезони поминати во Шпанија и Франција се враќа дома. Со анагажманот на Ѓуроски, Пелистер добива искуство во својата ротација со репрезентативец кој може да ги покрие позициите три и четири, а со ширењето на рекетот и да даде дополнителен арсенал во играта на „зелено-белите“.

Се вчитува...