„Екс-тетовци“ и пресудија на Шкендија – Струга ТЛ го одбрани трофејот, Вардар ќе мора во бараж за опстанок во Првата лига! (ВИДЕО)

Струга ТЛ ја одбрани шампионската титула во Првата македонска фудбалска лига, откако во претпоследното коло триумфираше со 0-2 на гостувањето против Шкендија во Тетово во клучниот меч за трофејот.

Поранешниот фудбалер на Шкендија, Бесарт Ибраими го замолкна Тетово носејќи предност од 0-1 за Струга ТЛ во финишот на првото полувреме, а потоа во вториот дел погоди и уште еден поранешен фудбалер на Шкендија, Марјан Радески за 0-2, што значеше и одбрана на трофејот на стружани.

Во мега-пресметката меѓу двата водечки тима Струга ТЛ дојде до водство со прекрасниот гол на Ибраими во 42. минута од натпреварот.

Откако Бесарт Ибраими погоди во финишот на првото полувреме, само што почна вториот дел и Марјан Радески во 48. минута мајсторски погоди за водство и од 0-2, повеќе од доволно за победа.

Вардар и покрај желбата да дојде до победа на гостувањето против Силекс во Кратово, на крај само ремизираше (1-1) по што и дефинитивно опстанокот во Првата лига ќе го бара преку бараж пресметката против Детонит Плачковица. Сето тоа и поради тоа што АП Брера успеа да дојде до бод на гостувањето против Шкупи ремизирајќи без голови.

„Црвено-црните“ во Кратово  дојдоа до предност уште во 10. минути кога погоди Филип Дурански за 0-1.

Но, Вардар не успеа да дојде до трите бода откако Милосављевиќ помалку среќно во обид за центаршут погоди во 84. минута за 1-1.

Македонија ЃП триумфираше против Брегалница со 2-1 со два гола во второто полувреме. Ларсон и Фазли погодија за домашните, а Кинг Канформ со гол во 90. минута само го ублажи поразот на штипјани.

ПРВА ЛИГА – 32. КОЛО
Тетово: ШКЕНДИЈА – СТРУГА ТЛ 0-2
Ибраими 44′, Радески 48′
Гостивар: ГОСТИВАР – РАБОТНИЧКИ 0-0
Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – БРЕГАЛНИЦА 2-1
Ларсон 63′, Фазли 72′ – Кинг Канформ 90′
Кратово: СИЛЕКС – ВАРДАР 1-1
Милосављевиќ 84′ -Дурански 10′
Скопје: ШКУПИ – АП БРЕРА 0-0
Кавадарци: ТИКВЕШ – ВОСКА СПОРТ 0-0

Се вчитува...