Протагонистите на финалната пресметка за европската ракометна титула, бранителот на приматот Шпанија и селекцијата која го брка првиот континентален трофеј, Хрватска веќе се соочија во главната групна фаза на Европското првенство. Дуелот немаше победник, но резултатот беше во корист на Шпанците кои како првопласирани го завршија овој сегмент. Игор Карачиќ на тој натпрвар постигна 10 гола.
Алекс Душебајев, соиграчот на Карачиќ од Киелце, но и поранешен соиграч од легендарната шампионска година на Вардар уште тогаш во Виена тврдеше дека овие две селекции ќе се соочат во финалето.
„Дајте ми хартија да потпишам дека за пет дена ќе биде истиов дуел“ – рече тогаш шпанскиот репрезентативец, еден од најзаслужните за прогресот на “фуријата“ до новото финале.
Душебајев и Карачиќ имаат долга заедничка историја, преку Вардар до Киелце и сега во репрезентативните пресметки за европската круна.
„Овој пат да не ни даде 50 гола. Нека даде повторно 10 ако победиме ние. Карачиќ е добар играч, има одличен турнир и секако мора да имаме нешто за повторно да не ни даде толку голови, но, тука се и останатите хрватски репрезентативци. Не можеме да мислиме само на Карачиќ“ – вели Душебајев.
Душебајев смета дека тоа што шпанската селекција е највозрасна на турнирот нема никакво значење во резултатите, тој вели дека неговиот тим има голема ротација и оти заради тоа има одлични резултати. Шпанскиот репрезентативец единствено жали за тоа што неговата селекција нема поддршка од трибините каква што имаат Хрватите.
Покрај Душебајев и Карачиќ, во денешното финале ќе се соочат уште неколку поранешни играчи на Вардар од шампионската генерација. Во хрватскиот состав е и Лука Циндриќ кој исто така играше со Душебајев во Киелце, а во шпанскиот состав се Хорхе Македа и Жоан Канелјас кои сега се дел од Пик Сегед.
Фото: 24sata.hr
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА