ЕКСКЛУЗИВНО: Сергеј Самсоненко се враќа на клупата на Вардар

Како што се ближи финишот на сезоната, така расте и адреналинот кај „вардарци“, кои атакуваат на трофеи како во двата ракометни, така и во фудбалскиот клуб. Во ракометните клубови се подготвува атакот на европските трофеи, во фудбалскиот се стравува од евентуално приближување на Шкендија, поради што за наредниот период се најавуваат сериозни промени и во организациските структури на трите вардарови клуба.

ЕКИПА дознава дека, во рамките на раководно-стручните прегрупирања во клубовите, рускиот газда на македонскиот бренд Сергеј Самсоненко е подготвен за нова тренерска авантура, се со цел да помогне „црвено-црните“ да ја надминат блокадата со која се соочуваа во претходните години, мажите во четвртфиналето од ЛШ, а женскиот ракометен тим во полуфиналето од Ф4 во Будимпешта. Како што неколку пати потенцираше, тој не е тренер, туку едноставно помага кога на тимот му е потребно, Самсоненко е подготвен уште еднаш да му помогне на Вардар, и тоа во најважниот дел од сезоната.

Единствено не е познато кој од двата тима ќе добие приоритет кај газда Сергеј, дали мажите кај кои Раул Гонзалес сега има обврска плус со преземањето на кормилото на македонската репрезентација, или пак во женскиот клуб, каде сигурно без проблеми би се согласувал со Дибирова, сопругата на неговиот добар пријател Тимур Дибиров.

Добро упатените не ја исклучуваат ниту можноста за поголем ангажман на Самсоненко во фудбалскиот клуб. Во период во кој е јавна тајна дека газдата не е задоволен од работата на директорот Самоил Симев, вклучувањето во стручниот штаб на Седлоски би бил идеален начин за посериозно вклучување во фудбалскиот колектив, кој досега не беше во преден план кај Русинот. Доколку титулата биде освоена, Самсоненко би останал во стручниот штаб и во текот на летото, како „помош“ за Седлоски во квалификациите за Лигата на шампионите. Не е тајна дека сериозни промени, во раководните структури, се очекуваат во ФК Вардар наредниот период, па сигурно во една од стручните функции во клубот ќе има место и за самиот Самсоненко.

Во секој случај, овој текст e првоаприлска шега, но со оглед на досегашните искуства и одлуки на рускиот газда, нема да биде изненадување доколку дел од ова и се реализира!? Или, сепак не?

Се вчитува...