Експеримент „Македонија“: Вентура ќе менува седум играчи од дуелот во Скопје

Селекторот на Италија, Џанпјеро Вентура, е подготвен да направи бројни промени во тимот за дуелот со Македонија, се со цел да им даде шанса на неколку фудбалери да покажат колку може на нив да се смета во наредниот квалификациски циклус. „Аѕурите“ го имаат осигурано второто место во групата, што му овозможува на Вентура без никаков притисок да се подготвува за пресметката со нашиот национален тим.

Медиумите на Апенинскиот полустров најавуваат дека Италија ќе се врати на формацијата со тројца дефанзивци, и тоа Бонучи, Барзалји и Кјелини, додека на голот ќе се најде Џанлуиџи Буфон. Во средниот ред ќе ги нема Де Роси и Верати, па организацијата на играта ќе биде одговорност на Пароло од Лацио и Галјардини од Интер, додека бековските позиции ќе им бидат доделени на двајца премиерлигашки фудбалери, Дармијан од Манчестер јунајтед по левата и Запакоста од Челси по десната страна.

Според информациите од Италија, Симоне Верди од Болоња ќе добие шанса да импресионира како полушпиц, а најистурени во нападот ќе бидат Инсиње и Имобиле, кој беше човек на одлука во Скопје.

На тој натпревар на „Филип втори“ селекцијата на Италија истрча со следните единаесетмина: Буфон, Бонучи, Барзалји, Де Шилјо, Ромањоли, Верати, Бонавентура, Кандрева, Бернардески, Белоти и Имобиле, но овојпат Вентура ќе се реши за сосема поинаков состав, со иста цел – триумф над Македонија и нови бодови за Италијанците во овој квалификациски натпревар.

Се вчитува...