Експеримент на Нагелсман: Каи Хаверц како лев бек

Јулијан Нагелсман е познат како ултра-офанзивен тренер, но новиот германски селектор се чини се надмина себе си кога му најде нова улога на Каи Хаверц. Фудбалерот на Арсенал во кариерата настапуваше како офанзивен играч за врска, „лажна деветка“, потоа во средниот ред на тимовите, но синоќа против Турција за првпат во кариерата се појави како лев бек.

Хаверц дури и го постигна првиот гол на мечот по само неколку минути игра, но остави зад себе многу простор во одбраната, не одговарајќи најдобро на дефанзивниот дел од обврските во тимот.

Нагелсман по мечот изјави дека е задоволен од експериментот, најавувајќи дека е подготвен и во иднина да го користи Хаверц на оваа позиција.

„Ова не беше само експеримент за еден натпревар, туку дел од планот за ЕВРО 2024. Каи прифати, сакавме да се обидеме и го сторивме тоа. Не гледам на ова како на ризик за Хаверц, туку како голема, голема шанса да има клучна улога на ЕП 2024. Ако се знае дека прв пат во животот играше на позиција што беше крајно непозната за него, можам да кажам дека покажа одлична игра, можеби беше и нашиот најдобар фудбалер на теренот“, изјави германскиот селектор.

Се вчитува...