Елиф Елмас е меѓу „недопирливите“ во Наполи

Елиф Елмас имаше проблеми во првите месеци по тренерската смена, но македонскиот репрезентативец со максимално залагање на тренинзите и добри изданија на натпреварите го убеди Џенаро Гатузо во своите квалитети. Стратегот на Наполи дојде среде сезона со наследен тим на располагање, но Гатузо добил ветување од претседателот Де Лаурентис дека ќе може самиот да ја „крои“ екипата во текот на летото.

Тренерот на „наполитанците“ веќе составил листа од десет фудбалери кои ги смета за „недопирливи“ и кои нема да дозволи да си заминат во претстојниот преоден рок. Меѓу нив се наоѓа и Елмас, македонскиот „дијамант“ кој сигурно ќе добива уште поголема минутажа во наредната сезона. Елиф беше користен на неколку различни позиции од страна на Гатузо, секогаш одлично се снаоѓаше и одговараше на предизвикот, па јасно е зошто стручниот штаб и управата гледаат на него како на еден од клучните играчи за иднината на клубот од Неапол.

Покрај Елмас, на листата од десет „недопирливи“ фудбалери на Наполи се уште и Зиелински, Руиз, Ди Лоренцо, Манолас, Максимовиќ, Марио Руи, Деме, Лоботка и Мертенс. На списокот ги нема Кулибали и Инсиње, за кои „наполитанците“ се подготвени да дадат зелено светло за трансфер доколку добијат интересна понуда.

Се вчитува...