Елиф Елмас: Овој пораз ќе ни биде голема поука

Елиф Елмас единствен од македонските фудбалери што за неколку дена два пати играше против Шпанија. Прво со сениорската репрезентација против најсилниот шпански состав во Скопје, а вечерва со младинската на отворањето на ЕП (У21) во Гдиња.

„Двете шпански селекции се многу добри, многу агресивни, брзи се и експлозивни и во напад и во одбрана. Исти се и двете селекции, нема нешто посебно да се споредува. Многу се силни“ – истакна Елмас по натпреварот во Гдиња.

Македонската репрезентација во својот прв настап на ЕП, претрпе убедлив пораз од Шпанија со 5-0 иако, впечатокот е дека резултатот не е реален одраз на играта што ја прикажаа нашите млади фудбалери.

„Мислам дека не заслуживме толку убедливо да бидеме поразени. Мислам дека одигравме добар натпревар, посебно во второто полувреме игравме многу добро. Мислам дека на моменти бевме и подобри од нив, но, тие се што шутнаа влезе  во голот, среќата малку повеќе беше на нивна страна. Ете, тоа е фудбал. Ова ќе ни биде голема поука. Се надевам на другите натпревари ќе излеземе уште помотивирани и дај Боже да победиме на други натпревари“ – вели македонскиот репрезентативец.

Во следниот натпревар ЕП, македонската репрезентација ја очекува дуелот со репрезентацијата на Србија која исто така стартуваше со пораз од Португалија (2-0). Елмас верува дека македонската репрезентација под водство на селекторот Благоја Милевски, може да се врати во ритам по тешкиот пораз на стартот и со полна мотивација да влезе во дуелот со Србија.

„Можеме да се кренеме само со добра поука од селекторот, тоа што ќе ни го зададе да го исполниме. Мислам дека може да се кренеме“ – убеден е Елиф Елмас.

Се вчитува...