Елиф Елмас пред портите на Милан!

После освоената шампионска титула во Италија, Милан почнува со средување на играчкиот кадар за следната сезона, во која главна цел ќе биде одбрана на Скудетото, но и успешни настапи во Лигата на шампионите. „Росонерите“ се чини се враќаат на големата сцена, и сега сакаат да се вратат на шампионските патеки и во најелитното европско натпреварување.

Сега откако заврши радоста, на ред е раководството да го испланира и среди играчкиот кадар. Еден од оние кои ќе биде цел на италијанскиот првак е Елиф Елмас. Елмас е пред портите на „Сан Сиро“, а за таа цел Милан е подготвен да испрати и играч во Неапол, плус пари за да го ангажира македонскиот репрезентативец.

Анте Ребиќ би требало да слета на „Диего Армандо Марадона“, а во спротивен правец да пристигне Елмас, кој долго време е на радарот на Милан. На Милан му треба „плејмејкер“, а заминувањето на Франк Кеси во Барселона само ги подгрева надежите дека Македонецот би можел да биде првиот кој би заиграл во дресот на Милан.

За Елмас имаше интерес и од други клубови. Интер пред неколку години беше блиску до неговите услуги, но до трансфер не дојде. Играчот од средниот ред дојде во Наполи во 2019 година од Фенербахче.

Се вчитува...