Елиф го чека Златан – Ибра прифатил и помала плата за да дојде во Наполи

Секој нареден ден се повеќе се зголемуваат шансите за трансферот на Златан Ибрахимовиќ во редовите на Наполи, каде шведскиот генијалец би му бил соиграч на „македонскиот дијамант“ Елиф Елмас. Се започна со отворениот флерт меѓу Ибракадабра и тренерот Карло Анчелоти, но во текот на вчерашниот ден претседателот Аурелио де Лаурентис обелодени дека не станува збор само за далечна идеја, туку за конкретни преговори што се водат подолго време.

„Златан е моја желба, разговараме со него неколку месеци. Понудивме добри услови, но на крајот тој е оној што ќе треба да одлучи“ – истакна Де Лаурентис.

Договорот на Ибрахимовиќ со ЛА Галакси истекува во декември, што значи дека тој во јануари 2020 ќе може како слободен играч без никаква отштета да ја избере следната дестинација. Тој најави дека „наполитанците“ се сериозна опција, а дел од медиумите тврдат и дека ја прифатил понудата на овој клуб, иако е значително помала од она што го заработува во ЛА Галакси (седум милиони евра годишно).

Поточно, Наполи му понудил на Златан сума од вкупно шест милиони евра за договор од 18 месеци. Тој е свесен дека се приближува до крајот на кариерата, сака да се врати назад во Европа, а негов камбек во италијанскиот фудбал каде веќе настапуваше за Јувентус, Интер и Милан дефинитивно ќе биде голем плус за враќање на сјајот на „Серија А“.

Се вчитува...