Елиф Елмас би можел летово да си замине од Наполи откако претседателот Аурелио де Лаурентис најавил дека во тимот нема „недопирливи фудбалери“ и сите понуди кои ќе пристигнат ќе бидат сериозно разгледани. Првиот човек на „наполитанците“ е незадоволен од формата на екипата и загубената трка за скудетото, па планира „ремонт“ во играчкиот кадар, а за инвестиција во нови засилувања ќе биде неопходно да си заминат и дел од постоечките.
Елмас во август 2020 година потпиша нов договор со Наполи со важност до 2025 година, македонскиот „дијамант“ е важен играч во плановите на тренерот Спалети, но тоа не значи дека клубот сигурно ќе го задржи доколку добие интересна понуда. Како што јавува весникот „Кориере“, клубот од Неапол веќе има на маса понуда од сериозно заинтересиран клуб, но Де Лаурентис се уште размислува. Се очекува конечната одлука претседателот на Наполи да ја донесе веднаш по завршувањето на сезоната, за во случај на трансфер истиот што поскоро да биде комплетиран и „наполитанците“ да имаат пари за трошење.
Неофицијално, Наполи го има проценето македонскиот репрезентативец на сума од 40 милиони евра, повеќе од двојно од она што го платија кога го донесоа „дијамантот“ од редовите на Фенербахче.
Иако името на клубот не е обелоденето, италијанските медиуми шпекулираат дека најзагреани за Елмас се челниците на Милан, и тоа на барање на тренерот Пиоли, кој во Елиф гледа идеален наследник за Кеси, кој летово ќе се пресели во Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА