Елмас ала Бојан Крижај…Словенци, ајт на скијање…!

Фудбалската репрезентација на Македонија ја оствари третата победа во квалификациите за ЕП 2020 совладувајќи ја Словенија со 2-1. Со ова уште повеќе ги зголеми шансите за остварување на сонот, пласман на Европското првенство преку групата. Елиф Елмас беше двоен стрелец за Македонија, донесе радост во 50.минута, а го потврди триумфот на нашиот национален тим во 68.минута, надмудрувајќи го Јан Облак. Како на времето Бојан Крижај со капиите, Елмас ги нижеше Словенците и го потврди својот раскошен талент.

Првата закана дојде по корнерот на Македонија од десната страна, Адеми шутираше со глава, но Облак беше мирен на голот. Веднаш возврати Петар Стојанович на спротивната страна, а во последен момент блокираше Кире Ристевски.

Важноста на мечот придонесе и двете селекции да бараат победа. Македонија се обиде со удари од далечина на Елмас и на Николов, а Иличиќ шутираше непрецизно кон голот на Столе Димитриевски.

Во последните мигови од првиот дел, Елиф Елмас постигна гол, но судијата Дани Десмонд Макели не го призна поради офсајд ситуација во која се нашол Бобан Николов при ударот на Елмас, пречејќи му на словенечкиот голман Јан Облак. Тоа доведе до огромно незадоволство кај македонските фудбалери кои реагираа дури и на полувремето.

На стартот на второто полувреме – експлозија. Македонија поведе, нема офсајд, а стрелец е повторно Елиф Елмас. Акцијата ја поведе Несторовски, Пандев и Елмас одиграа „двојно италијански“, а нашиот „дијамант“ излезе сам пред Јан Облак и го надмудри. Во 50.минута, дојде водството за македонскиот национален тим.

Иличиќ можеше да донесе израмнување со удар од далечина, но Столе Димитриевски беше фантастичен. Затоа нов гол падна на спротивната страна, а повторно во главна улога беше Елиф Елмас. Во 68.минута, Адеми го проигра Елмас во празно, тој излезе сам пред Јан Облак и рутински го матираше. Македонија поведе со 2-0.

Несторовски можеше да постигне и трет погодок за нашиот национален тим, но ударот во 78.минута заврши за малку крај десниот дирек.

Во последните мигови беше досуден пенал за Словенија, а успешен реализатор беше Иличиќ. Но, трите бода останаа во Скопје.

Огромна победа за Македонија и зголемени надежи за ЕП 2020. Веќе утре нашите најдобри фудбалери патуваат за Варшава, каде в недела ќе ги одмерат силите со лидерот во групата, селекцијата на Полска.


МАКЕДОНИЈА – СЛОВЕНИЈА 2-1 (0-0)
Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Гледачи: 16.500. Судија: Дани Десмонд Макели (Холандија). Стрелец: Елмас 50′, 68′ (Македонија), Иличиќ 90+3′ (Словенија). Ж. картони: Пандев, Муслиу, Ристовски (Македонија), Куртич (Словенија).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски (81′ Зајков), Муслиу, Ристевски, Алиоски Адеми, Спировски, Николов, Елмас, Пандев (65′ Тричковски), Несторовски.

СЛОВЕНИЈА: Облак, Стојанович, Струна, Мевља, Балковец, Крхин (48′ Попович), Куртич, Безјак (79′ Берич), Иличиќ, Вербич (65′ Зајц), Шпорар.

Се вчитува...