Елмас ќе биде стартер во „мечот на сезоната“ на Наполи

Елиф Елмас ќе ја добие довербата на Лучијано Спалети и ќе биде стартер за Наполи на неделното дерби со Милан, најавено како „меч на сезоната“ и за двата тима. „Наполитанците“ и „росонерите“ се наоѓаат на делба на првото место на табелата, со по два бода предност, но и меч повеќе од шампионот Интер, па јасно е дека трите бода на дербито би биле драгоцени во трката за скудетото.

Елмас одигра значајна улога откако влезе од клупата за резерви во второто полувреме на дуелот со Лацио, на кој македонскиот ас ја прокнижи и петтата асистенција сезонава во Калчо-лигата. Токму тој дуел е препорака за тренерот Спалети да му даде шанса од првата минута против Милан, откако „дијамантот“ веќе стрелаше прецизно на првиот овосезонски дуел со истиот ривал на „Сан Сиро“.

Италијанските медиуми во најавите за дербито предвидуваат дека Спалети ќе се реши за формација 4-2-3-1, со Осимен како најистурен во нападот, помогнат од Инсиње, Зиелински и Елмас, кој ќе добие предност во однос на Политано.

Ангиса и Лозано ги надминаа проблемите со своите повреди и ќе бидат во комбинација за настап во Неапол, но најавите велат дека овие двајца фудбалери дербито ќе го почнат од клупата за резерви.

Се вчитува...