Елмас: Минутажата значи и одговорност, но јас ќе докажам колку вредам

Елиф Елмас е подготвен да ја докаже својата вредност за тимот на Фенербахче и при официјалниот старт на сезоната. Македонскиот репрезентативец во подготвителниот период доби значајна минутажа кај новиот тренер Филип Коку и максимално ја оправда довербата, го постигна и првиот гол на пријателскиот меч со Феенорд, па сега со право очекува дека ќе биде првотимец и на отворањето од сезоната во турското првенство.

„Работев напорно од првиот ден кога дојдов во Истанбул и сега тоа ми се враќа. Секако дека сум среќен што имам позначајна улога летово и се надевам дека тоа ќе продолжи и во текот на сезоната. Минутажата значи и поголема одговорност, но јас сум подготвен да го докажам тоа со добри игри сезонава“ – изјави Елмас.

Фенербахче го очекува сериозен предизвик во Лигата на шампионите, пресметка со португалскиот гигант Бенфика.

„Верувам дека ќе успееме да ја минеме Бенфика. Имаме квалитет за да стигнеме до позитивен резултат, но најпрвин сакаме да славиме над Бурса во првото коло од новата сезона, за во победничка атмосфера да влеземе во дуелот со Португалците“ – истакнува македонскиот „бисер“.

Се вчитува...