Елиф Елмас ги одигра сите 90 минути за Наполи на денешниот силен контролен натпревар против Баерн Минхен, на кој „наполитанците“ го изненадија баварскиот гигант триумфирајќи со убедливи 0-3 на „Алијанц Арена“. Македонскиот репрезентативец беше еден од ретките што не беа заменети од страна на тренерот Спалети, одигра сосема солидно на средината од теренот, а имаше и одличен волеј-удар во првото полувреме што домашниот голман успеа да го одбрани.
Првиот дел мина во нешто подобра игра на баварскиот гигант, но мрежите мируваа на двете страни. Нагелсман ги повлече речиси сите стартери на паузата меѓу двете полувремиња, а Наполи знаеше како да го искористи тоа, поведе со 2-0 откако Осимен постигна два гола за 100 секунди, по што во самиот финиш конечните 3-0 ги постави Машах со прецизен удар од дваесетина метри.
Елмас не беше најстандарден кај тренерот Џенаро Гатузо, но новиот стратег Лучијано Спалети барем во овие подготовки најавува дека има далеку поголема доверба во македонскиот репрезентативец од својот претходник.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА