Елмас: Ова се натпревари кои треба да ни помогнат да растеме како тим

ЕКИПА во Рим,

Никола Станикевски

Еден од најдобрите македонски фудбалери Елиф Елмас иако очекувано разочаран од убедливиот пораз на Македонија на „Олимпико“ од Италија, вели дека македонските репрезентативци пред се во второто полувреме се обиделе да парираат во желбата за ново надигрување со европскиот шампион. Но, јасно е дека Италије има повеќе од моќна селекција која знае како до победите.

Сепак, Елмас смета дека токму ваквите натпревари многу ќе помогнат за растот на оваа селекција и младите играчи на кои треба во иднина да се темели националниот тим.

„Да бидам искрен ние секогаш веруваме во себе на секој натпревар свесни дека можеме до позитивни нешта. Така беше и сега но не одигравме според договорот и планираното во првото полувреме. Во секој случај, ова се натпревари кои секогаш ни помагаат во нашиот посакуван раст како тим“ – истакна Елмас по мечот.

„Знаевме дека Италијанците ќе почнат со силен атак, но ние уште повеќе ги засиливме затоа што остававме многу простор во првиот дел. Во второто полувреме беше далеку подобро веднаш се виде дека може да играме како што треба, и тоа треба да ни е слика за следните натпревари“ – дополни фудбалерот на Наполи.

Македонија веќе во понеделник (20. ноември) од 20:45 часот на арената „Тодор Проески“ во Скопје ја чека меч со уште еден европски гигант, Англија.

Се вчитува...