Елмас: Оваа Македонија не знае за страв, одиме на победа против Португалија

ЕКИПА во Гдиња,

Никола Ѓуровски, Владимир Булатовиќ, Игор Паневски

Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година вечерва (20.45 часот) на стадионот „Миејски“ во Гдиња, ќе го игра последниот трет натпревар од групата Б на Европското првенство во Полска. Противник е селекцијата на Португалија, која е мошне квалитетна, но тоа не ги плаши македонските фудбалери.

Оваа млада генерација, која со право го доби и епитетот „херојска“, покажа дека со голема верба во себе Македонија може да им се спротивстави и на многу пореномираните фудбалски земји во Европа. Не беше инфериорна ниту против Шпанија, иако доживеа убедлив пораз, а испушти победа против Србија во последните моменти од мечот.

Младиот играч од средниот ред, Елиф Елмас, беше еден од инпираторите на пресвртот против Србија во второто полувреме, а се очекува да биде стартер на вечерашниот дуел против Португалија.

„Португалија е силен противник, со играчи како Ренато Санчез, Гонкало Гуедеш, но оваа Македонија нема страв од никого. Ќе излеземе на теренот и ќе се надигруваме, и тие се само луѓе, а ние сигурно нема однапред да се предадеме. Увидовме дека имаме квалитет против Србија, бевме на прагот на победа, но ни се лизна од раце во последните минути. Ќе се обидеме да им подариме триумф на фановите против Португалија, за убав крај на оваа наша убава приказна на Европското првенство. За мене лично, ова е исполнување на сонот, со неполни 18 години играм на ЕП и го носам дресот на Македонија. Имаме сили за да славиме против Португалците“, порачува младиот Елмас.

Се вчитува...