Елверум го изненади Порто, на ред е Вардар

Елверум на хартија важеше за најслаб ривал во групата на Вардар од Лигата на Шампионите, но норвешкиот првак уште во првото коло приреди изненадување, на гостински терен совладувајќи го тимот на Порто со резултат 28-30. По овој одличен резултат, нема дилема дека ракометарите на Елверум полни со оптимизам ќе допатуваат во Скопје за мечот од второто коло против „вардарци“.

Поголемиот дел од првото полувреме мина во израмнета битка, но Порто заигра подобро во одбраната во финишот, прими само два гола во последните десет минути и на одмор замина со солидни 16-12. Португалците имаа и одлични „плус пет“ во 34. минута, но потоа Елверум целосно ја презеде контролата, норвешкиот состав со леснотија ја полнеше мрежата на Квинтана, правејќи голем пресврт. Порто се врати од „минус пет“ во завршницата, стигна до еден гол негатива, но португалскиот првак не можеше да освои ниту бод на овој премиерен натпревар од новата сезона во Лигата на Шампионите.

Македонскиот голман Никола Митревски влезе во игра во последните десетина минути, по серијата примени голови на Квинтана, нашиот интернационалец успеа да го запре налетот на Норвежаните, но немаше доволно време за Порто да го комплетира камбекот и на крајот мечот заврши со 28-30, со гол на гостите во последните секунди од натпревраот.

Се вчитува...