Елверум објави: Двата меча со Вардар ќе се играат во Скопје

Вардар нема без борба да добие автоматски шест бода поради неиграње на двете средби против Елверум откако норвешкиот тим најде начин да не ги откаже дуелите со скопските „црвено-црни“. Проблем за Елверум претставува државната одлука за задолжителен карантин на сите оние кои влегуваат во Норвешка, поради што ниту еден од ривалите кои требаше да гостуваат во оваа фаза од ЛШ нема да отпатува во оваа скандинавска држава.

Челниците на Елверум уште пред дваесетина дена најавија дека ќе се обидат да одиграат што поголем дел од закажаните средби на гостински терен, а кога станува збор за случајот со Вардар, постигнат е договор двата меча да бидат одиграни во Скопје. Ова го потврди раководството на Елверум на официјалната веб-страница, како дел од предвидените активности за наредниот период.

„Прво патување ќе ни биде она во Полска против екипата на Киелце, меч што ќе се одигра во предвидениот термин на 18 февруари. Веднаш потоа патуваме за Македонија, каде ќе го одиграме двомечот со Вардар. Првиот натпревар е закажан за 21 февруари, а вториот за 24 февруари. Се уште немаме одлучено каде ќе продолжиме по Скопје“, објави норвешкиот првак.

Елверум досега има одиграно осум меча во ЛШ, со скор од две победи и шест порази и моментно се наоѓа на претпоследното место на табелата, пред Вардар кој е последен со седум одиграни средби, од нив една победа, едно реми и пет порази.

Се вчитува...