Емоции до небо: Шпалир за Модриќ на „Бернабеу“, пред аут-линијата го чекаше Тони Крос

Мечот Реал Мадрид – Реал Сосиедад ќе остане запаметен како последен на Карло Анчелоти на клупата на „кралевите“, но и последен за Лука Модриќ на „Сантијаго Бернабеу“.

Пред мечот на центарот на теренот имаше поставено огромен дрес со „десетката“ на Хрватот, секој негов допир беше испраќан со аплаузи од публиката, а крајно емотивно беше во 87. минута, кога Анчелоти реши да го повлече фудбалскиот генијалец од игра.

Соиграчи со „шпалир“ го поздравија Лука додека го напушташе теренот, а вистинското изненадување следуваше на крајот, откако пред аут-линијата пред Модриќ се најде Тони Крос, големиот ас кој со Хрватот долго години доминираше на терените ширум Европа, освојувајќи се што можеше да се освои во дресот на Реал.

Хрватот ќе одигра уште неколку средби за Реал Мадрид, на претстојниот клупски мундијал, но фановите и клубот се погрижија тој засекогаш да го памети денешниот последен меч на „Сантијаго Бернабеу“.

Останува да се види дали Модриќ летово ќе се реши да ја заврши кариерата или ќе одигра уште една сезона, со што би си осигурал и настап за хрватската репрезентација на СП 2026.

Се вчитува...