ЕКИПА во Улцињ, Црна Гора
Промоцијата на книгата „Хаџија од Кошево“, посветена на легендарниот Фарук Хаџибегиќ, се претвори во емотивно патување низ историјата на Сараево, репрезентацијата на Југославија и поранешната заедничка држава.
Петтото издание на „Мундијалот на пријателството“ во Улцињ уште еднаш покажа дека спортот не е само трофеи, голови и резултати, туку и спомени, пријателства и емоции што никогаш не бледнеат. Посебен момент од овогодинешниот собир на спортските легенди беше промоцијата на книгата „Хаџија од Кошево“, посветена на поранешниот ас на ФК Сараево и капитен на југословенската репрезентација, Фарук Хаџибегиќ.
Популарниот Хаџија со многу емоции зборуваше за славните денови на сараевскиот клуб, шампионската титула освоена во сезоната 1966/67, југословенската репрезентација, но и времето кога луѓето од просторите на поранешната заедничка држава ги делеа истите спортски соништа и успеси.
Сепак, кога се сети на поранешна Југославија и сè што некогаш ги поврзуваше луѓето, емоциите го совладаа.
„Тоа беа добри времиња… Но, тие нè разделија, против наша волја. Само територијално, ние сè уште сме браќа“, рече Хаџибегиќ, не можејќи да ги сокрие солзите за време на целото свое обраќање пред присутнит спортски легенди во Улцињ.
На прашањето, пак, против кој фудбалер му било да игра, иако набројувајќи ги Златко Вујовиќ и Момчило Вукотиќ, го издвои и најголемото фудбалско име во македонската историја Дарко Панчев.
„Против Дарко Панчев беше тешко да играш дури и на тренинзи кога се подготвувавме со репрезентацијата на Југославија. Неверојатно чувство за гол, за позиција и читање игра. Па, тој даваше гол и од соблекувална“ – рече Хаџибегиќ.
Овие зборови одекнаа меѓу присутните како потсетник на времето што остави неизбришлив белег во животите на бројни генерации. А Фарук Хаџибегиќ, легендарниот Хаџија од Кошево, уште еднаш покажа со своите емоции дека некои врски, без оглед на сè што се случило, никогаш не можат да се избришат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
