Енрике бара двајца фудбалери како замена за Мбапе, не се Осимен и Леао

Килијан Мбапе ги одработува последните месеци од мегадоговорот што го има со ПСЖ, а Луис Енрике веќе стави до знаење дека планира се помалку да го користи својот најскап фудбалер. Француските медиуми тврдат дека односот меѓу тренерот и главната ѕвезда е целосно нарушен, а конфликтот кулминираше со синоќешната замена на Мбапе на полувремето против Монако, по што голгетерот воопшто не сакаше да остане на клупата за резерви крај своите соиграчи.

Шпанскиот стратег чувствува дека ја има поддршката на раководството, кое најавило дека ќе му исполни неколку желби во летниот преоден рок, за создавање на тим што повторно посериозно би атакувал на трофејот во Лигата на Шампионите. Интересно, претходно ПСЖ беше споменуван како тим што е подготвен да потроши богатство на Рафаел Леао и на Виктор Осимен, но последните информации велат дека „светците“ нема да испраќаат понуди за овие фудбалери бидејќи Енрике има поинаква визија за својот тим.

Тренерот на ПСЖ бара двајца нови фудбалери како замена за Мбапе, од кои едниот би бил класично крило, а вториот централен напаѓач. Ињаки Вилијамд од Атлетик Билбао е големата желба на Енрике за крилната позиција, како играч кој би бил природен наследник на Мбапе. Проблем ќе биде да се убеди Вилијамс да си замине од Атлетик Билба каде игра до крајот на сезонава, но тука значајна улога би требало да одигра самиот Енрике.

Кога станува збор за класичен напаѓач, главна желба на тренерот на ПСЖ е Лаутаро Мартинез. Аргентинецот игра уште една извонредна сезона во дресот на Интер, но преговорите за нов договор не течат како што се надеваа „нероаѕурите“. Во ПСЖ се подготвени да платат 100 милиони евра за да го осигураат потписот на Лаутаро, а за фудбалерот е подготвена плата од 12 милиони евра, што е далеку повеќе од оние седум милиони што ги нуди Интер за нов договор.

Летото допрва претстои, па ќе биде интересно да се види колку раководството на ПСЖ ќе успее да ги исполни овие две желби на својот тренер.

Се вчитува...