Енрике: Не е добро што ПСЖ е опседнат со трофејот во ЛШ

Шпанскиот стручњак Луис Енрике дојде во ПСЖ откако Кристоф Галтие доби отказ. Шпанецот е донесен во Париз за да освојува титули, и да го земе она што на тимот му недостасува – трофејот во Лигата на шампионите.

Парижаните веќе долго време вложуваат огромни пари, лани таму играа и Нејмар и Меси, но никако не успеваат да дојдат до тој трофеј. Еднаш играа финале кое го загубија од Баерн Минхен, и тоа беше се што се однесува до шансите во ЛШ.

Пред новата кампања, нова надеж, овој пат со Енрике, кој знае како се освојува овој трофеј како тренер. Меѓутоа тој пред првиот меч со Борусија Дортмунд на домашен терен како да ги „олади“ амбициите на челните луѓе на парискиот тим.

„Никогаш не е добар знак кога еден тим е опседнат со нешто. Можеш да имаш амбиција нешто да оствариш, но не и да бидеш опседнат со тоа. Тоа никогаш не донело ништо добро никому. Опседноста е многу лош сегмент од животот, а посебно во фудбалот. Тоа веќе не смее да се случува“, вели Енрике.

Таква изјава сигурно од Париз не очекуваат, затоа што е јасно кажано уште пред потписот на договорот дека ЛШ е главна цел. Меѓутоа е јасно дека Енрике сака да го тргне притисокот од себе и од екипата.

Се вчитува...