Енрике скромен: Барса е мојот фаворит за освојување на ЛШ

Луис Енрике уште еднаш ја демонстрираше својата тактичка генијалност откако и без четири клучни првотимци на ПСЖ успеа да стигне до триумф на гостувањето против Барселона.

Шпанскиот стратег изненади на прес-конференцијата по натпреварот, изјавувајќи дека без оглед на исходот на синоќешниот дерби дуел, Барселона останува негов фаворит за трофејот во Лигата на Шампионите.

„За мене нема дилема, Барселона е главниот фаворит за шампион сезонава. Играат одлично, денешниот пораз не го менува тоа. Сепак, се уште сме во раната фаза од натпреварувањето“, прокоментира трофејниот стратег.

Потоа, тој се осврна на натпреварот одигран во Каталонија што неговиот ПСЖ го доби со голот на Рамос постигнат во 91. минута.

„Ова беше прекрасен дуел меѓу два тима што не сакаа да се удираат, туку да се надмудруваат со топката. Се најдовме во проблем откако тие први поведоа, но успеавме да се вратиме благодарение на еден одличен потег на Нуно. Во второто полувреме игравме уште подобро, успеавме и да го запреме Педри кој е еден од најдобрите играчи на средината на теренот во целиот свет. Пресреќен сум бидејќи победивме, згора на тоа во тимот имавме и млади деца од по 17 и 18 години, што е прекрасно. Целта на ПСЖ е да победува, но и да го наметнува својот стил на игра на секој натпревар, верувам дека ќе продолжиме во ист ритам и на наредните мечеви“, истакна Енрике.

Се вчитува...