Ентони Дејвис погоди со звукот на сирената за втора победа на Лос Анџелес Лејкерс

Со тројката на Ентони Дејвис буквално со звукот на сирената, Лос Анџелес Лејкерс го добија вториот натпревар од финалната серија во Западната конференција со Денвер со 105-103 и поведоа со 2-0 во победи. Во израмнетиот меч, Дејвис кој постигна 22 поени во вторто полувреме и Леброн Џејмс кој уфрли 21 во првиот дел беа моторот на „лејкерс“ во битката за вториот триумф во финалето.

 

 

Дејвис постигна вкупно 31 поен, Џејмс имаше 26. Кај Денвер, Никола Јокиќ беше прв стрелец. Тој имаше 30 поени, ги постигна последните 12 поени на натпреварот за неговиот тим, но тоа не беше доволно за успех. Во драмата во финишот, Дејвис ја искористи неверојатната прилика по уфрлањето на аутот на Ражон Рондо и погоди за три поени.

Ентони Дејвис е првиот играч на Лос Анџелес Лејкерс кој постигнал победничка тројка со звукот на сирената во конференциско финале по Роберт Хори во 2002 година против Сакраменто.

 

 

Третиот натпревар во серијата ќе биде одигран ноќта вторник кон среда по средноевропско време. Во финалето на Источната конференција, дуелот број четири е закажан за среда кон четврток. Мајами води со 2-1 откако ги доби двете воведни средби, а Бостон славеше во третиот натпревар за намалување на негативата.

Се вчитува...