Ентрериос го чека Лазаров на клупата на Нант

Поранешниот шпански репрезентативец и поранешен соиграч на Кире Лазаров во Сиудад Реал, Алберто Ентрериос, ќе го пречека македонскиот капитен на клупата на Нант. Ентрериос потпиша нов  договор со францускиот клуб и останува во улога на помошник тренер на Тиери Анти и во наредните три сезони.

Ентрериос лани ја заврши играчката кариера и имаше исклучително успешен почеток во тренерските води. Во својето деби на клупата како помошник на Анти, со Нант стигна до вицешампионската титула во Франција и до осминафиналето во Лигата на шампионите.

„Задоволен сум од својата позиција во Нант. Продолжувањето на договорот е продолжување на проектот. Се чувствувам многу добро овде во Нант, во градот и посебно во клубот. Горд сум на она што го направивме во изминатава сезона. Тоа беше посебна година за мене лично бидејќи дебитирав како помошник тренер и ја открив својата нова професија. Научив многу во текот на оваа сезона“ – изјави Алберто Ентрериос по потпишувањето на новиот тренерски договор.

Со доаѓањето на Кире Лазаров растат и амбиците на францускиот клуб за настапот во Лигата на шампионите во следната сезона. Искусниот македонски бек со Нант потпиша двегодишен договор и по седум години поминати во Шпанија од кои последните четири во Барселона, летово се сели во Франција.

Се вчитува...