ЕП 2020 низ бројки: Лазаров, Сигурдсон, Карабатиќ…

Се е подготвено за стартот на европскиот шампионат во ракомет закажан за 9 јануари, а ЕХФ објави интересни статистички податоци во пресрет на ова натпреварување. Во нив, меѓу останатите, се споменува и македонскиот капитен, Кире Лазаров, како најдобар стрелец на еден европски шампионат во историјата, но и ракометни легенди како Карабатиќ, Сигурдсон…

1 – Само една репрезентација ги мина квалификациите со максимален ефект – Германија. Непоразени останаа и Унгарија и Хрватска, кои имаа по едно реми.

1 – Само еден стратег има освоено европски шампионати и со машка и со женска репрезентација. Улрик Вилбек го стори тоа со данскиот женски национален тим во 1994 и 1996 година, пред да го повтори успехот со мажите во 2008 и во 2012 година.

1 – Само Франција досега во историјата успеала да ги обедини светската, олимписката и европската круна. Данска има можност да го повтори успехот доколку стигне до златниот медал на овој европски шампионат.

1 – Само една репрезентација успеала да стигне до златото на домашен терен – Шведска во 2002 година. Швеѓаните исто така се единствените кои успеале да ја одбранат круната, триумфирајќи на три ЕП во низа, во 1998, 2000 и во 2002 година. Шпанија во 1996, Словенија во 2004, Србија во 2012 и Данска во 2014 успеваа да стигнат до финалето на домашен терен, но не и да слават во мечот за златото.

1 – Еден стратег има освоено четири златни медали од европските шампионати, Швеѓанецот Бенгт Јохансон, пред Клод Онеста (три) и Улрик Вилбек (два).

2 – Двајца од сегашните селектори имаат освоено златни медали како играчи, Дидие Динар од Франција и Швеѓанецот Љубомир Врањеш, кој сега е предводник на Словенија. Двајца селектори имаат сребрени медали од досегашните европски првенства, Едуард Кокшаров од Русија од 2000 и австрискиот селектор Алеш Пајович, кој загуби финале како играч со селекцијата на Словенија.

3 – Ова е првпат три земји да бидат домаќини на еден европски шампионат. Сепак, сите имаат искуство бидејќи во минатото самостојно беа организатори на вакво натпреварување, Шведска во 2002, Норвешка во 2008 и Австрија во 2010 година.

3 – Унгарија е сопственик на најмалиот број на постигнати голови во едно полувреме, само три на дуелот со Шпанија на ЕП 1998 (3-17).

3 – Три селекции во јануари ќе дебитирааат на европските шампионати во ракомет, Летонија, Холандија и Босна и Херцеговина.

4 – Шведска е најуспешната репрезентација на европските шампионати, со четири златни медали (1994, 1998, 2000 и 2002).

6 – Бројот на земји кои стигнале до злато на ракометните ЕП: Шведска (четири), Франција (три), Данска, Германија (по две), Шпанија и Русија.

11 – Делува неверојатно, но ова ќе биде единаесетто европско првенство во низа за Гудјон Валур Сигурдсон. Тој дебитира на ЕП 2000 и не пропушти ниту еден континентален собир оттогаш.

13 – Најголема разлика во едно финале од ЕП, Шведска на ЕП 1994 во Португалија во мечот за златото ја декласираше Русија со 34-21.

19 – Рекорд за постигнати голови од еден ракометар на меч од ЕП, сопственост на Норвежанецот Кјетил Странд, кој 19 пати ја затресе мрежата на Исланд на дуелот на ЕП 2006.

20 – Македонија е сопственик на неславен рекорд, поразена репрезентација со најголема разлика на еден европски шампионат. Станува збор за меч од нашето деби на европските првенства, на ЕП 1998, кога „црвено-жолтите“ загубија од Чешка со 38-18.

24 – Ова ќе биде прво европско првенство во кое ќе учествуваат 24 селекции.

30 – Вкупен број на голови на најнеефикасниот натпревар во историјата на европските шампионат (Франција – Германија 15-15, на ЕП 2002).

53,2 – Просек на постигнати голови на сите натпревари на европските првенства во ракомет почнувајќи од 1994 година.

54 – Швајцарецот Анди Шмид беше најдобар стрелец во квалификациите за ЕП 2020 со 54 погодоци, пред Деан Турковиќ од Италија со 44 и Кире Лазаров со 43 постигнати гола.

60 – Никола Карабатиќ е ракометарот со најмногу одиграни натпревари на европските првенства, вкупно 60. Зад него се наоѓаат актуелниот француски селектор Дидие Динар со 57 и поранешниот хрватски репрезентативец Игор Вори со 54 натпревари.

61 – Кире Лазаров е најдобар стрелец на едно европско првенство во историјата на овие натпреварувања, со 61 гол што Македонецот ги постигна на ЕП 2012. Тој го урна рекордот на Олафур Стефансон, кој имаше постигнато 58 погодоци за Исланд на ЕП 2002.

77 – Вкупен број на голови на најефикасниот натпревар во историјата на ЕП (Белорусија – Исланд 39-38 на ЕП 2016).

270 – Гудјон Валур Сигурдсон е најдобар стрелец севкупно на европските шампионати, откако постигна 270 гола на досегашните настапи во дресот на Исланд. Зад него се наоѓаат Никола Карабатиќ со 256 и Штефан Ловгрен со 203.

2.780 – Број на постигнати погодоци на најефикасното европско првенство во историјата – ЕП 2006 во Швајцарија.

20.000 – Рекорд за најпосетен натпревар од ЕП, полуфиналето од ЕП 2012 меѓу Србија и Хрватска во „Комбанк Арена“ во Белград. Овој рекорд може да биде урнет на финалето од претстојниот европски шампионат, што ќе се игра во „Теле2 Арена“ во Стокхолм, со капацитет за 22.000 лица.

Се вчитува...