ЕП е на дофат за Македонија: Одбраната донесе триумф во Шафхаузен

Македонската ракометна репрезентација е на дофат до ЕП 2022 откако во второто коло од квалификациите славеше на гостувањето против Швајцарија со резултат 23-25. Токму Швајцарците се наши главни ривали за второто место во групата, но нашите ракометари денеска славеа и петти пат во низа против истиот ривал, пред се благодарение на извонредната одбрана на чело со голманите Митревски и Томовски. Во клучен момент во нападот во ритам влезе и Гоце Георгиевски, кој постигна неколку важни погодоци кога се решаваше победникот на оваа средба.

Уште од самиот почеток стана очигледно дека двете селекции ќе играат цврсто во одбраната, но истовремено ќе имаат и многу проблеми во нападите. Швајцарците се мачеа дури и со „седум на шест“ против нашата одбранбена зона, додека ние имавме проблем со противничкиот „фластер“ на капитенот Кире Лазаров. Македонија сепак го контролираше резултатот речиси цело прво полувреме, водеше најпрвин со 2-4, потоа 4-5 и 5-7. При водството од 7-9 не беа реализирани два напади за „плус три“, по што домаќините казнија и направија пресврт за 10-9. Брестовац зеде тајмаут, а Лазаров го искористи последниот напад за Македонија, па на одмор се замина со израмнети 10-10.

Двете селекции се менуваа во водство во првите десет минути од второто полувреме (15-15), ниту една не успевајќи да поведе со повеќе од еден гол разлика. Швајцарците се почесто играа на пивот, на тој начин наоѓајќи го лекот за нашата одбрана, па домаќините во 43. минута за првпа на мечот стигнаа до „плус два“ (17-15). Следеше нова загубена топка од нашиот напад, по што Швајцарија постигна уште еден гол, па Брестовац при резултат 18-15 беше принуден да побара тајмаут.

Советите вродија со плод, па за само неколку минути игра Македонија стигна до израмнување од 18-18 со голот на Кире Лазаров, за Кузмановски да донесе ново водство на нашата репрезентација (18-19). Одбраната на чело со голманот Томовски продолжи да функционира одлично, па Талески со својот втор гол на мечот донесе и „плус два“ за Македонија (18-20). Македонија продолжи да го контролира резултатот, па со извонредниот гол на Гоце Георгиевски на четири и пол минути до крајот повторно имавме два гола предност (20-22). Кога беше најважно блесна и Мишевски, кој постигна клучен гол за 20-23 на три минути до крајот, принудувајќи го швајцарскиот селектор да го земе и последниот тајмаут на мечот.

Швајцарците намалија на 21-23, но новиот гол на Георгиевски беше одличен одговор од наша страна. Брестовац зеде тајмаут на 100 секунди до крајот при резултат 22-24, но потоа Маџовски непотребно се реши за егзибиција и промаши. Затоа пак на висина на задачата беше Кузмановски, кој украде една топка во одбраната и ја осигура победата, изразена со конечни 23-25.

Кире Лазаров повторно беше прв стрелец на Македонија со шест погодоци, пет постигна Стоилов, а по четири пати прецизни беа Георгиевски и Кузмановски, за овој огромен триумф со кој широко се отвораат вратите за пласман на ЕП 2022.

Се вчитува...