ЕП може да почне: Триумф над Црна Гора на последната контрола

Македонија со триумф над Црна Гора од 25-24 ја заокружи серијата пријателски натпревари во пресрет на ЕП 2020. Вечерашниот дуел со Црногорците беше последна проба за „црвено-жолтите“, а селекторот Брестовац може да биде задоволен пред се од одбраната, која на чело со голманот Митревски функционираше одлично без оглед на отсуството на повредениот Маркоски.

Брестовац се реши и на овој натпревар да настапи без капитенот Кире Лазаров, на голот од првата минута се појави Никола Митревски, додека Танкоски ја презеде улогата на стартен среден бек пред Филип Кузмановски. Во првото полувреме се водеше израмнета битка, а Црногорците сепак да заминат на пауза со предност од 12-13.

Со израмнета игра се продолжи и во преостанатите 30 минути, со таа разлика што овојпат македонските ракометари беа поумешни во завршницата. Пред самиот крај Македонија го презеде водството, поведувајќи со 22-23, за „црвено-жолтите“ да ја одржат минималната предност до самиот крај и конечните 24-25.

Никола Митревски беше одличен на голот со 14 интервенции, додека во нападот најефикасни беа Манасков и Талески со по пет погодоци.

Македонските ракометари ќе останат во Словенија до 8 јануари, кога ќе отпатуваат за Виена. Премиерниот натпревар во австриската метропола „црвено-жолтите“ ќе го играат на 10 јануари, кога противник ќе им биде Украина.

Се вчитува...