ЕП ракомет: Холандија преку Романија до бронзата

Репрезентацијата на Холандија ги обедини светската и европската бронза откако во дуелот за третото место на континенталниот ракометен собир во Франција славеше над Романија со 24-20.

Период на неизвесност во пресметката имаше само на почетокот додека романскиот состав кој беше без повредената Кристина Неагу одржуваше резултатски баланс. Холанѓанките се одлепија во средината од првото полувреме и позитивата континуирано ја зголемуваа се до плус седум на паузата.

Најслабиот дел од натпреварот беше влезот во второто полувреме кога Романките за шест минути не постигнаа ниту еден, а Холандија само еден погодок. Но, многу брзо состојбата се врати како во финишот од првиот дел, Холандија имаше потполна контрола и дојде до највисоките осум гола предност. Но, карактеристично за женскиот ракомет, ниту ова не траеше долго, па Романките тргнаа во пресврт.

Со серија од 5-0 се изборија за само четири негатива на влезот од завршните осум минути. Во овој период одлична на романскиот гол беше Стефанија Деду. Благодарение на неа Романија дојде и само на минус три.

Сепак, преголема беше предноста на холандскиот состав кој ја имаше и одличната голманка Теса Вестер која забележа одлични 14 одбрани.

За репрезентацијата на Холандија ова е послаб пласман во однос на претходното Европско првенство на кое освои сребро, но е продолжување на континуитетот освојување медали на последните четири големи ракометни натпреварувања.

Романија нема медал од европските првнества уште од бронзата во 2010 година.

Се вчитува...