Епска битка во Мадрид – Реал е во финале

Реал Мадрид е првиот финалист во Лигата на шампионите, откако „кралевите“ во фантастичен натпревар ремизираа 2-2 на „Сантијаго Бернабеу“ против Баерн Минхен, па благодарение на победата од 1-2 на „Алијанц арена“ го елиминираше баварскиот гигант. Мечот беше неверојатен, со четири гола и бројни шанси на двете страни, а Баерн како и на првите 90 минути повторно ќе жали за нереализираните ситуации во шеснаесетникот на Кејлор Навас.

Слично како и на последниот домашен меч со Јувентус, Реал повторно беше шокиран по само неколку минути игра, Кимих беше стрелецот по една мешаница во шеснаесетникот на „кралевите“. Веќе во десеттата минута дојде и израмнувањето, Карим Бензема се најде на вистинско место во вистинско време по центаршутот на Марсело и резултатот гласеше 1-1. И двата тима имаа свои шанси во првото полувреме, за потоа Реал да поведе на самиот почеток од вторите 45 минути.

Голманот Улрих направи катастрофална грешка по повратната топка од Толисо, па Бензема немаше тешка задача да ја смести во празната мрежа. Судијата Чакир не досуди пенал за очигледен старт на Рамос над Левандовски, додека на спротивната страна Роналдо промаши зицер со кој можеше да стави крај на приказната на овој двомеч. Баерн се врати со погодокот на Хамес Родригез, потоа имаше и неколку одлични шанси за пресврт, но Кејлор Навас беше човекот на одлука, чувајќи ја својата мрежа во моментите кога беше најважно, за ново финале на Реал Мадрид во елитното европско натпреварување.

Вториот финалист ќе биде познат по утрешниот реванш меѓу Рома и Ливерпул, на кој „црвените“ ќе бранат предност од 5-2 од првиот меч на „Енфилд“.

Се вчитува...