Епска драма во Атина – Панатинаикос со две неспортски грешки за осум секунди славеше против Фенербахче

Вистинска драма го одбележа натпреварот помеѓу Панатинаикос и Фенербахче од второто коло во Евролигата, а по две неспортски лични грешки во последните осум секунди „зелените“ беа оние кои успеаја да надокнат негатива од пет поени и да слават во големото евролигашко дерби со 91-87.

Турскиот тим кој беше за нијанса подобар противик во поголемиот дел од мечот со серија од 8-0 во последните две минути стигна до предност од 82-87, а кога се чиниеше дека избраниците на Ѓорѓевиќ ќе успејат да приредат и мирен финиш, при резултат 84-87 неспортска лична грешка направи Марко Гудуруќ на 10. секунди пред крајот на мечот.

Неговиот сонародник Немања Недовиќ ги реализираше двете слободни фрлања за негатива од само еден поен (86-87) и напад од кој турскиот состав на момент успеа да се одбрани, но со 2.9 секунди преостанати на семафорот топката повторно беше во рацете на домаќините.

Во тој момент топката не беше во игра, а несмасен прекршок кој беше карактеризиран како неспортски направи Девин Букер над Недовиќ по што Србинот успеа да го доведе својот тим во водство (88-87) со посед за „зелените“, а крај на мечот стави Папапетру со сигурна реализација на двете слободни фрлања.

Немања Недовиќ беше предводник на Панатинаикос со 20 поени и 3 скока, а на спротивната страна се истакна Јан Весели со дабл-дабл учинок од 18 поени и 10 скока.

До втора победа во Евролигата денеска стигна и Барселона која славеше на гостувањето во Минхен против Баерн со 72-80.

Се вчитува...