Епски меч за крај на АО: Надал се врати од 0-2 за историска 21. титула во кариерата

Рафаел Надал испиша историја и стигна до 21. гранд-слем титула во кариерата откако во финалето на Австралија Опен славеше со 3-2 (2-6, 6-7, 6-4, 6-4 и 7-5) над Данил Медведев. Шпанскиот ас имаше негатива од 0-2 во првите два сета, но не се предаде, напротив одигра фантастично до крајот на мечот, ја најде слабата точка на рускиот тенисер за голема победа.

Натпреварот започна со сервирање на Рафаел Надал кој ја имаше и поддржката од публиката, но Медведев беше оној кој успеа да стигне до „брејк“ во првиот сет со која ја направи клучната разлика, а понатаму ги намали грешките и славеше со 6-2.

Второт сет донесе вистинско возбудување. Шпанецот одлично го започна истиот, имаше и водство од 4-2, подоцна и 5-3 но Русинот не се предаде. Напротив одигра одлично до крајот, успеа да го изедначи резултатот, а во финишот да стигне и до 7-6 за водство од 2-0.

Третиот сет му припадна на Рафаел Надал кој одигра речиси перфектно, а клучно беше враќањето од 40-0 за 3-3. Одличниот моментум на шпанскиот тенисер продолжи и до крајот на сетот кој го доби со 6-4 за останување во игра за шампионската титула, а не запре ниту во четвртиот во кој славеше со идентичен резултат за 2-2.

Одлучувачкиот сет донесе нова драма во која Рафа Надал стигна до нов „брејк“ и поведе со 3-2, а откако ја доби и драмата за 4-2 беше на чекор до освојување на титулата во мирен финиш. Сепак Русинот одолеја на налетот на Шпанецот, возврати со два гема еден по друг за 5-5 и продолжува на фантастичната битка.

Медведев имаше и шанси да поведе со 6-5, но откако не ги искористи тоа го направи Надал кој потоа без грешка славеше и во последниот сет за 7-5.

Се вчитува...