Ердал Ракип: Се уште не сум одлучил дали ќе играм за Македонија или за Шведска

Фудбалерот од средниот ред на Малме кој е со македонски корени, Ердал Ракип сосема очекувано е во фокусот на вниманието и на македонската и на шведската фудбалска јавност пред вечерашниот прв дуел меѓу Малме и Вардар во 2. квалификациско коло за Лигата на шампионите.

20-годишниот Ракип е и тоа како интересен за Фудбалската федерација на Македонија која веќе подолг период се обидува да го убеди да настапува за македонската репрезентација. Со неговите игри во Малме дефинитивно може да биде повеќе од корисен и за А репрезентацијата на Игор Ангеловски, но и за младата селекција на Благоја Милевски која од септември ја очекуваат квалификации за ЕП 2019.

Пред дуелот со Вардар, Ракип го потврдува интересот од ФФМ но потенцира дека се уште не одлучил за која репрезентација би играл во иднина. Засега, се уште е далеку од повик за сениорскиот состав на Шведска.

„Имам постојано повици од Фудбалската федерација на Македонија, ми пишуваат, ми се јавуваат… Но засега единствено сум концентриран кон Малме и кон Шведска. Околу настап во национален тим ќе одлучам кога ќе дојде време. Секако, мило ми е што има интерес за мене и од Македонија. Засега се уште не сум кажал ниту да, ниту не, на никого. Сите врати се отворени. Не сакам да избрзувам“ – вели Ракип за шведските медиуми.

А, од ФФМ посакуваа приклучување на уште еден играч од Малме во нашите национални редови, голманот Марко Јохансон, кој исто така има македонско потекло, а во моментов е на позајмица во Трелеборг. Но, и Јохансон, како и Ракип се уште не се одлучил за позитивен одговор кон Фудбалската федерација на Македонија.

Се вчитува...