Ердал Ракип: Со нетрпение го очекувам настапот во македонскиот дрес!

Македонската репрезентација ќе биде со еден дебитант на списокот на селекторот Благоја Милевски за октомврискиот собир во рамките на квалификациите за СП 2022. Фудбалерот од средниот ред на шведскиот шампион Малме, Ердал Ракип е новото име во националниот тим во обидот за засилување на конкуренцијата во средниот ред.

25-годишниот Ракип во минатото беше незаменлив дел од младите репрезентации на Шведска, но откако не доби можност за настап во сениорската селекција на оваа скандинавската земја се одлучи да го прифати повикот да го облече македонскиот дрес.

„Да бидам искрен со нетрпение го очекувам настапот во македонскиот дрес. Среќен сум што добив повик, благодарност за тоа за селекторот Благоја Милевски. Подготвен сум со сето мое срце да помогнам за продолжување на добрите резултати на Македонија“ – вели Ракип, кој вели дека долг период ги следи настапите на македонската репрезентација.

„Многу добро сум за запознаен со квалитетите на македонската селекција, знам за одличените поединци во тимот и за сите досегашни успешни резултати и за мене ќе биде исклучителна чест да бидам во ист тим со такви имиња како Елмас, Ристовски, Барди, Адеми, Алиоски, Димитриевски, Муслиу… кои играат во најсилните светски лиги“ – истакнува Ракип пред доаѓањето во Македонија.

Ердал Ракип, кој најголемите досегашни успеси во кариерата ги има запишано во дресот на Малме, претходно има настапи и за португалска Бенфика и англискиот премирлигаш Кристал Палас.

Се вчитува...