Ешли Барти е „кралица“ на Вимблдон, Плишкова остана без гранслем-трофеј

Ешли Барти е новата шампионка на Вимблдон откако австралиската тенисерка во големото финале ја совлада Каролина Плишкова со 2-1 во сетови. За Барти ова е втор трофеј на најголемите турнири, по оној на Ролан Гарос во 2019 година, додека Плишкова повторно остана без гранслем пехар во својата колекција.

Мечот почна со апсолутна доминација на австралиската тенисерка, која ги освои првите 14 поени во финалето и набрзина поведе со 4-0 во гејмови. Плишкова до крајот на сетот направи два брејка, но Барти сепак рутински поведе со 1-0 освојувајќи го првиот дел од мечот со 6-3.

Вториот почна со израмнети 1-1, a потоа Барти направи брејк и набрзина поведе со 3-1 во гејмови. Плишкова не се предаде, направи пресврт и поведе со 3-4. Интересно беше при 5-5, кога Плишкова на свој сервис имаше 40-0 кога промаши лесен волеј на мрежата. Следеше огромен пад на концентрација, чешката тенисерка направи уште неколку неизнудени грешки и го загуби гејмот. Таа сепак успеа да се врати неколку минути подоцна и да направи рибрејк, носејќи го сетот во тајбрејк, во кој доминираше чешката тенисерка, славејќи со 7-4 по двојната сервис-грешка на Барти во последниот поен.

Третиот сет почна со нова доминација на Ешли Барти, која набрзина поведе со 3-0 во гејмови. За разлика од претходниот сет, овојпат Австралијката не дозволи противничката да се врати, триумфирајќи со конечни 6-3 за освојување на пехарот на овој гранслем турнир.

Се вчитува...