Естонците оптимисти: Нека биде како пред четири години, да почнеме со победа во Скопје

Естонија никогаш досега не успеала да врзе два настапа на европските шампионати во серија, што е мотив плус за оваа селекција во пресрет на почетокот на новиот квалификациски циклус што Естонците ќе го отворат токму против Македонија во Скопје (петок, 19 часот).

Селекторот Јука Тоијала по подолго време ги има на располагање најдобрите кошаркари, па така Естонија ќе пристигне во Скопје до двајца евролигашки играчи (Котсар и Рајесте од Басконија), во обид да го повтори успехот од пред четири години, кога токму триумфот од девет поени во Македонија се покажа клучен за оваа селекција да се пласира на европскиот шампионат како третопласирана, пред нашиот национален состав.

„Сакаме да испишеме историја. Знаеме дека никогаш досега не сме биле два пати по ред на ЕП, сакаме тоа да го промениме. Мораме да бидеме поагресивни, поенергични од нашите противници. Мислам дека во тимот имаме доволно сила и должина на ростерот за да го сториме тоа, но ќе мораме да се докажеме на теренот. Секогаш е тешко да почнеш еден циклус надвор од дома“, изјави селекторот Тоијала.

Рајесте, кој сигурно ќе биде еден од главните адути на Естонците, беше дел од тимот и на последното гостување во Скопје пред четири години кога оваа селекција славеше со 71-81 во првото коло од тој квалификациски циклус.

„Пред четири години почнавме исто, со Македонија во Скопје, па имаме мало чувство на „дежа ву“. Секако, ова е почеток на нов циклус, но сакаме резултатот да биде ист како и тогаш“, истакна кошаркарот на Басконија во таборот на естонската репрезентација.

Се вчитува...