Еуро Никел не запира: Лекција за ТФТ, петта победа во низа за кавадарчани

Еуро Никел ја продолжи серијата одлични резултати во кошаркарскиот шампионат, откако избраниците на Горан Самарџиев попладнево лесно и убедливо славеа на гостувањето против ТФТ со 67-83, петта победа во низа за кавадарчани. ТФТ важи за едно од најпријатните изненадувања во Првата лига сезонава, но паралелните настапи во БИБЛ и во домашното првенство дефинитивно го земаат данокот, па скопскиот клуб го стигна заморот, не успевајќи да го задржи темпото по кое беше препознатлив во првиот дел од сезоната.

Еуро Никел беше подобар противник во првото полувреме, во кое кавадарчани го контролираа резултатот и на одмор заминаа со водство од 28-36. ТФТ го отвори второто полувреме со шест поени во низа, се приближи на 34-36, но следеше серија од 16-2 со која гостите практично и го решија прашањето на победникот. Третата четвртина заврши со убедливи 44-63 за Еуро Никел, по што гостите рутински го приведоа мечот до крај во завршните десет минути, на крајот триумфирајќи со конечни 67-83.

Јане Петровски со 17 постигнати поени беше прв стрелец на победничкиот тим, по 14 постигнаа Соколов и Рикиќ, а Смит со 17 поени беше најефикасен во редовите на ТФТ.

Се вчитува...