Еуро Никел со „брејк“ во Скопје на чекор до финале

Еуро Никел си го олесни патот до финалето од домашното првенство откако во првиот полуфинален натпревар против Работнички успеа да направи „брејк“ во серијата, славејќи во Скопје со 66-68. Избраниците на Горан Самарџиев одигараа одличен одбранбен натпревар во кој го седоа противникот на реализација од само 22% (8/35) за три поени, притоа го исконтролираа скокот (33-43) и сосема заслужено стигнаа до првата победа против „црвено-белите“ во сезоната.

Двата тима се мачеа да го најдат напаѓачкиот ритам на почетокот на мечот. Работнички добро го штитеше рекетот од високиот Рикиќ, додека на спротивната страна од паркетот се осврна кон шутот за три поени, кој на почетокот на средбата не беше во полза на „црвено-белите“. Но и покрај тоа домаќините со контролата на скокот постојано ја одржуваа предноста, а за истата да не биде поголема од еден напад (15-12) по првите 10. минути се погрижија Мијатовиќ и Дубински. Одбраната продолжи да биде во преден план и до крајот на првото полувреме до кое кавадарчани успеаја да ја пробијат одбраната на Работнички и да заиграат подобро во рекетот. Рикиќ беше незапирлив за домашниот тим, кој продолжи со обидите зад линијата 6,75, но шутираше катастрофални. „Црвено-белите“ погодија само два од 16 обиди за три поени па на полувремето заминаа со негатива од 28-30.

Еуро Никел го наметна своето темпо на отварањето на второто полувреме во кое имаше целосна контрола на паркетот. Избраниците на Самарџиев одиграа одлично во одбраната, а тоа произведе лесни поени на спротивната страна па кавадарчани брзо поведоа со двоцифрена предност. Работнички на момент успеа да го искористи падот во играта на гостите и да ја преполови разликата, но Еуро Никел во вистински момент ги консолидираше редовите, проработе и шутот за три поени па предноста се искачи на +17 (36-53) по 30. минути игра. Гостите на почетокот на последната четвртина стигнаа и до најголемите +20 (36-56), но агресивната одбрана на Рабонтички го наруши напаѓачкиот ритам на Еуро Никел кој за пет минути игра постигна само три поени. Тоа го искористија „црвено-белите“ за да ја преполоват негативата (46-56), во самиот финиш стигнаа и до негатива од само еден напад (64-66), но прекасно за целосен пресврт и одбрана на домашниот терен.

Филип Бундовиќ беше првото име во редовите на Работнички со 21 поен и 5 скока, 12 поени и 5 скока додаде Иван Аска, додека со 10 поени и 8 скока натпреварот го заврши Љубомир Младеновски. Роберт Рикиќ го предводеше Еуро Никел со дабл-дабл од 17 поени и 13 скока, 14 поени додаде Данило Мијатовиќ, додека 12 поени, 8 скока и 6 асистенции забележа Џексон Дубински.

Се вчитува...